КАНЦЕЛАРИЈАТА ЗА РОДИТЕЛСТВО ВО КАРПОШ ПРОДОЛЖУВА СО СВОИТЕ АКТИВНОСТИ
- март 11, 2025
- 0
Канцеларијата за родителство која започна со работа во рамки на ООУ „Јан Амос Коменски“ на почетокот на септември минатата година, досега се покажа како успешен проект кој со 300.000 денари го поддржа Општина Карпош а го спроведе Експертскиот центар за родителство – „Алтернатива“. Станува збор за првата канцеларија од овој тип која е отворена во нашата држава, а истата е дел од проектот „Советувалиште за родители при Општина Карпош“, реализиран во состав на годишната Програма на локалната самоуправа за еднакви можности меѓу жените и мажите.
Во таа насока, Општина Карпош и оваа година со 150.000 денари ќе ја поддржи работата на оваа Канцеларија која ќе работи еднаш неделно (секоја среда) од 17 до 19 часот, и истата ќе биде достапна за родителите чиишто деца (од 6 до 10 годишна возраст) учат во основните училишта во Карпош. По тој повод денеска, градоначалникот Стевчо Јакимовски и претставниците од невладината организација „Алтернатива“ остварија работна посета на Канцеларијата за родителство.
– Ме радува што и оваа годинава исто така финансиски ќе ја поддржиме работата на Канцеларијата, заради големиот интерес на родителите. Општината од финансиски аспект дополнително ги поддржува и ангажираните наставници и стручни соработници, кои имаат улога да бидат клучната алка помеѓу родителите и експертскиот центар за родителство. Овие обучени фацилитатори ќе формираат свои групи на родители со кои преку групна работа ќе им даваат поддршка на родителите, а нивната работа ќе биде под супервизија на експертите од невладината „Алтернатива“. Согласно издвоените финансиски средства од страна на Општината, Канцеларијата за родителство ќе работи до крајот на 2025 година – истакна Јакимовски.
Инаку, работата на Експертскиот Центар е поддржана од Обединетите Нации, од Глобалната иницијатива за поддршка на родители (GISP), вклучувајќи ги СЗО и УНИЦЕФ, како и од Родителство на целоживотно здравје (PLH), и од Глобалното партнерство за ставање крај на насилството врз децата (EVAC).
Хронолошки следено, проектот се одвиваше во три фази при што во првата се организираа обуки за стручните служби од сите 10 основни училишта во Карпош. Во таа насока, лицата кои посетуваа обуки се стекнаа со сертификати за фасилитатори за родителски вештини на родители на деца од 6 до 10 години. Во втората фаза, беа одржани трибини за родителите од основните училишта на кои се дискутираше околу ставовите, практиките и предизвиците на родителите со деца од погореспоменатата возрасна група. Во третата фаза се отвора Канцеларијата за родителство која непосредно ќе работи со индивидуални семејства нудејќи им совети во однос на справување со сите проблеми и предизвици со кои се соочуваат тие.
Оттука, Општина Карпош со целосната реализација на овој проект кој континуирано го продолжува и оваа година, се наметнува како пионер со ваквата иницијатива која ги вклучува образовните институции, родителите и основците. Конечниот исход резултира со поефикасна превенција на насилството врз децата од секаков вид, но и со создавање на психолошко здрави и стабилни личности.