КАНАЛОТ ВО СРЕДНО НЕРЕЗИ, ЌЕ ПРЕРАСНЕ ВО МОДЕРНО ШЕТАЛИШТЕ
- јули 4, 2017
- 0
Денеска, градоначалниците на Општина Карпош и Градот Скопје, Стевчо Јакимовски и Коце Трајановски ја продолжија успешната соработка.
Во населбата Средно Нерези тие присуствуваа на увид на градежните работи со кои се затрупуваше отворениот канал, кој започнува од село Крушопек, па завршува во градскиот парк. Градоначалникот Јакимовски, напомена дека на барање на локалната самоуправа, овој проблем на граѓаните на Нерези ќе биде решен со помош на администрацијата на Градот Скопје и градоначалникот Коце Трајановски.
– Општина Карпош помогна во средувањето на имотно- правните односи, и сме задоволни што го решивме долгогодишниот проблем со кој се соочуваа жителите од оваа населба. Наскоро, оваа патека ќе се асфалтира,и истата ќе се прилагоди во шеталиште со хортикултурно уредување. Освен асфалтирањето , ќе бидат поставени и клупи, па покрај овие дрвја, по течението на реката Вардар, Нережани во текот на летните вечерни часови, ќе имаат уреден простор на кој ќе можат да уживаат и да се одморат.
Градоначалникот на Град Скопје, нагласи дека оваа инвестиција е на Јавното Претпријатие „Улици и Патишта“, и чини околу 5 милиони денари. По затрупувањето на каналот, асфалтираната улица ќе биде во должина од 250 метри, додека еден метар во пречник ќе биде поставена цевката со која водата ќе се насочува кон Зоолошката градина и езерцата во градскиот парк во центарот на Скопје.
– Особено во овој дел, имавме голем проблем со отпадоци, шут, фрлање на ѓубре од страна на несовесни граѓани, и поради тоа се соочувавме со непријатна миризба, загадена вода, и фекалии во водата на езерцата во градскиот парк. Со затворањето на каналот на овој потег, не само што ќе го решиме овој горлив проблем, туку и инфраструктурно ќе се подобри ова место, потенцираше градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски.
Градоначалниците Јакимовски и Трајановски, заедно се согласија дека меѓу локалната самоуправа и Градот Скопје досега имало одлична соработка, во која заеднички се реализирале голем број на проекти, со што се решиле проблемите на граѓаните. Исто така, градоначалниците напоменаа дека и во иднина, Општина Карпош и Градот Скопје ќе соработуваат за секое прашање или проблем кој е под нивна заедничка надлежост, со цел истиот поефикасно и поефективно да биде решен, во корист и интерес на граѓаните.