Минатата недела, градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски во својот кабинет одржа работна средба со претставници од Влашката заедница и Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на заедниците. Станува збор за орган кој функционира во рамки на Министерството за политички систем и односи со заедниците, а целта на состанокот беше отворање на дискусија за состојбата со влашкиот јазик во воспитно образовниот процес на ниво на локалната самоуправа.

 

 На средбата присуствуваа и претставници од партијата на Власите од Македонија, Стево Костов и Христо Папули, како и Нико Оџаклиески од Демократскиот сојуз на Власите. Кон дебатата се приклучија и Јана Михаилова и Александра Курте кои доаѓаат од од невладиниот сектор, како и советничката за унапредување на наставата на влашки јазик, од Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на заедниците, Марија Николова.

 

Во таа насока, присутните развија дијалог кој се однесува на темата поврзана со актуелната критична состојба со јазикот на заедницата. Притоа, се наметна дискусија во која беше посочена потребата од конкретна политика за ревитализација и оддржување на влашкиот јазик, на централно и на локално ниво. Во овој случај, фокусот би бил насочен кон најмладата популација со влашко потекло, поточно кон дечињата во претшколските установи и основните училишта на територија на општина Карпош. Во оваа пригода, градоначалникот Јакимовски искажа искрена желба и подготвеност за сериозна поддршка на предложената иницијатива.