Советот на Општина Карпош денеска заседаваше во рамки на 40. седница, каде советниците ги разгледуваа и одлучуваа за 29 точки кои се најдоа на дневниот ред. Во таа насока, советниците ги усвоија заклучоците од извештаите за реализираните Програми за 2023 година од областа на урбанистичкото планирање, за екологија и енергетска ефикасност, за развој, за изградба, редовно и инвестиционо одржување и зимско одржување на улици и патишта, за култура, спорт и образование.

 

Исто така, усвоени беа извештаите за Програмите кои се реализираа во 2023 година од областа на детската, социјалната и здравствената заштита, од информатичката технологија, од областа на заштита и спасување на граѓани и материјални добра, од развојот на месната самоуправа, како и извештаите за реализираните Програми за односи со јавноста, како и за еднакви можности меѓу жените и мажите.

 

 Поддршка доби и предлог – решението за давање согласност на одлуката за формирање на комисија, за прием на деца над капацитет и утврдување на критериумите за прием на деца над капацитет во детската градинка „Пролет“. Изгласана беше и предлог – одлуката за утврдување на почеток и завршеток на работното време во детската градинка „Пролет“.

 

Со мнозинство гласови, советниците го поддржаа предлог – правилникот со кој се уредуваат условите, начинот, критериумите и постапката за финансиска поддршка за спорт и рекреација, кој се финансира од општинскиот буџет за 2024 година. Имено, еднократната финансиска поддршка ќе се доделува на спортисти и спортски рекреативци кои се жители на Карпош, како и на здруженија на граѓани  кои се регистрирани на територија на локалната самоуправа, со основна дејност спорт и рекреација.