„Салмонела нема ниту во храната, а изворот на заразата ќе се утврдува дополнително“ – велат од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), која неодамна ги доби резултатите од земените мостри од храна од сите училишни кујни во општина Карпош, откако беа пријавени случаи на сомнежи на труење со оваа бактерија, по што беше спроведен и вонреден инспекциски надзор.

            Според лабораториските резултати до кои дојде АХВ,  испитаната храна која е земена од централниот магацин  на операторот со храна „Ванила Фуд“ кој се наоѓа во ОУ „Димо Хаџи Димов“ е со уреден наод, исто како и мострите од четирите кујни во основните училишта каде се приготвува храна. Тие се во согласност со Правилникот за посебни барања кои се однесуваат на микробиолошките критериуми за храната, односно, кај нив не е утврдено присуство на бактеријата Салмонела.

            Во две од училишните кујни со кои стопанисува овој оператор со храна, се земени мостри само од работните површини за кои резултатите сѐ уште не се добиени, бидејќи при надзорот, не е затекната подготвена храна. Притоа, најдени се само производи и суровини за подготовка на храна доставени од централниот магацин, од каде претходно веќе биле земени мостри, за кои лабораториските наоди потврдија отсуство на Салмонела. Во овој случај, истите се во согласност со Правилникот за посебни барања кои се однесуваат на микробиолошките критериуми за храната – потврдуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство.