ИЗВЕДБА НА ФЕКАЛНА КАНАЛИЗАЦИЈА ВО ЗЛОКУЌАНИ
- ноември 26, 2019
- 0
Во тек е поставување на улична фекална канализација, по дел од улицата „Скупи“ во Злокуќани, на потегот од патот за населеното место Бардовци до крстосницата – семафорите кај „Скупи“ 3.
По тој повод денеска, во теренски увид на активностите беше и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, заедно градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, и генералениот директор на ЈП „Водовод и канализација“ Душко Весковски. При теренската посета, тие се сретнаа со повеќе граѓани кои ја акцентираа и потребата од зголемување на безбедноста на улицата „Скупи“ и изградба на тротоари на целиот потег.
Во овој реон, со години постоеше потреба од улична фекална канализација за одведување на фекалните отпадни води, од страна на објектите во населбата Злокуќани, која се наоѓа на северниот дел над ул.„Скупи“.
Инвеститор и изведувач на проектот е ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, во соработка со Градот Скопје и Општина Карпош. Станува збор за инвестиција од околу 4 милиони денари, која ќе овозможи заменување на септичките јами кои не ги задоволуваат здравствените и еколошките стандарди.
Општина Карпош продолжува да ги развива и периферните делови на Карпош, кои со години делуваа отсечени од урбаното јадро. Во Злокуќани, покрај изведбата на нова канализациона мрежа од страна на ЈП „Водовод и канализација“, изминатиот период се исчисти и децениската депонија кај фудбалското игралиште.