ЗДРАВА И БЕЗБЕДНА ХРАНА ВО ГРАДИНКИТЕ ВО КАРПОШ
- јануари 27, 2021
- 0
Децата во сите објекти на градинки во Карпош добиваат здрав и квалитетен оброк. Иако градинките работат по протоколи и со намалени капацитети, техничкиот персонал, вработените во кујните целосно се посветени за навремено да обезбедат здрави и квалитетни оброци за децата.
Храната секојдневно е различна, подготвена од сезонски намирници, а се води сметка и за нејзино адекватно складирање, приготвување, термичка обработка и сервирање на оброците. При подготовка на ужинките, се избегнува користење на рафиниран шеќер, а како замена се користат јаткасти плодови, семиња (лен, чиа, семки од текви) или суво овошје.
Главните кујни во градинките на територија на општина Карпош работат и ја подготвуваат храната за децата според ХАСАП – принципите (HACCP – Hazard Analysis and Critical Control Point) што е согласно Законот за контрола и безбедност на храна и материјалите кои се во контакт со храната.
Градинките имаат возила кои ги пренесуваат топлите оброци на соодветна температура која се мери пред нивно транспортирање.
Секој сегмент од целиот процес на подготовка на храна и придружните елементи се одвива според однапред подготвен Протокол кој е изработен од Овластено лице за контрола и безбедност на храната.
Општина Карпош е и прва институционална членка на Европското тело за хигиенски инженеринг и дизајн (EHEDG – European Higienic Engineric and Design Group ) која ги запазува европските регулативи за хигиенска опрема. Целта е опремата и машините за производство на храна, во кујните каде што се подготвува храната да го подобрат нејзиниот квалитет преку користење на сертифицирана опрема и машини кои се проверени за работа преку правилниците на ова престижно европско тело.