ЗГОЛЕМЕНИ СРЕДСТВАТА ЗА ПАРТЕРНО УРЕДУВАЊЕ И ОЗЕЛЕНУВАЊЕ НА МЕГА ПАРКОТ ВО КАРПОШ 4
- октомври 1, 2026
- 0
Во рамки на 18. седница чие продолжение се одржа денеска, Советот на Општина Карпош заседаваше и расправаше по вкупно 25 точки кои се најдоа на дневниот ред. Во таа насока, советниците ја поддржаа Одлуката за изменување на поранешната Одлука од 2023 година, за воспоставување на меѓуопштинска соработка помеѓу Општина Карпош и Град Скопје, за партерно уредување и озеленување на Мега паркот во Карпош 4, кој ќе се простира помеѓу реката Вардар и Бул. Илинден, на потегот со ул. Никола Парапунов и ул. Љубљанска.
Имено, со старата Одлука од 2023 година за оваа намена беа предвидени вкупни средства во висина од 30.000.000 денари, додека пак со новоизменетата Одлука од 2026 година се предвидуваат финансиски средства во висина од 118.000.000 денари, кои целосно ќе ги обезбеди Град Скопје од својот Буџет за 2023, 2024, 2025, 2026 и 2027 година. Покрај хортикултурното уредување и озеленување на парковската површина, се предвидуваат низа активности какви што се геодетски снимања, изработување на проектна документација, расчистување на теренот и изградба на пешачки површини, паркинг простори, спортски игралишта и летна сцена. Општина Карпош во остварувањето на оваа соработка ќе учествува со решавање на можните имотно – правни спорови и издавање за сите потребни дозволи, пред започнување на изведбата.
Советот ја поддржа Одлуката за прифаќање на донација од Стопанска банка АД Скопје, за опремување на Младинскиот центар на Општина Карпош и административните простории во локалната самоуправа. Станува збор за вкупна донација во висина од 150.400 денари, во вид на канцелариски бироа, столици, конференциски столици, фотелји, клуб маси, метални ормани, телевизор и 10 компјутери. Целта на оваа донација е поддршка на младите и придонес кон развојот на локалната заедница, преку опремување и унапредување на условите за користење на Младинскиот центар на Општина Карпош, како и подобрување на условите за работа во административните простории на Општина Карпош.
Членовите на Советот го изгласаа Предлогот за измена на Едногодишниот краткорочен еколошки акционен план, за спроведување на мерки и активности, дефинирани со ЛЕАП 3 за 2026 година. Во Едногодишниот краткорочен еколошки план за спроведување на мерки и активности дефинирани со ЛЕАП 3 за 2026 година, се врши изменување на следниот начин:
Во „Мерки и активности за реализација – табеларен приказ” во тематска област – отпад, се брише делот кој е однесува на акцијата „поставување на камери за мониторинг и следење на состојбата со недозволено одлагање на отпад на клучни места”, а во истата табела износот кој се однесува на “Вкупно средства за реализација” се менува од 950.000 на 550.000 денари.
Во поглавјето „финансиски импликации” се брише точката 8. односно, „поставување на камери за мониторинг и следење на состојбата со недозволено одлагање на отпад“, со предвидениот износ од 400.000 денари, па така во делот „вкупно” износот од 2.500.000 денари се заменува со износот 2.100.000 денари.
Советниците од Карпош постигнаа мнозински консензус за изменување и дополнување на Буџетот на Општината за 2026 година. Во образложението по оваа точка се наведува дека, ребалансот на Општинскиот Буџет произлегува од потребата за да се прераспределат средствата по програми, потпрограми и конта, согласно потребите за нивна реализација. Промени на износите на одредени ставки има во сите колони во консолидираниот Буџет на Општината.
Имено, вкупниот консолидиран Буџет на Општината (вклучително со основните училишта и детските градинки), со првиот ребаланс изнесува 2.216.812.599 денари, а со зголемувањето на средствата кај самофинансирачките активности, Буџетот на Општината изнесува 2.213.425.330 денари. Во колоната на Буџетот на Општина Карпош за 2026 година нема промени во вкупните износи на приходи и расходи. Буџетот на Општината (без основните училишта и детските градинки) изнесува 1.368.709.333 денари.
Со поддршка на советниците, измени и дополнувања претрпеа годишните Програми за 2026 година, за активностите на Општина Карпош од областа на екологијата и енергетската ефикасност и за уредување на градежното земјиште. Исто така, ќе бидат изменети и дополнети Програмата за детска, социјална и здравствена заштита, Програмата за образование, како и годишната Програма на Секторот за односи со јавноста и информација на граѓаните. Како дополнителна точка на 18. седница, поддршка доби и Предлог – Планот на Програми за изменување и дополнување на план на Програми за развој на Општина Карпош за 2026 година, која се однесува на партерно уредување и озеленување на Мега паркот во Карпош 4.
Советниците го изгласаа Предлог – Решението за измена и дополнување на Решението, за разрешување и именување на член во Управниот одбор на детската градинка „Орце Николов“. Со истата динамика, Советот ги усвои Годишните извештаи за работата на десетте општински основни училишта на територија на општина Карпош, за учебната 2025/2026 година.
Со одлука на Советот ќе биде формиран Одбор за доделување на награди и други признанија по повод 50-годишнината од формирањето на Општина Карпош. Во оваа ситуација, Одборот ќе ги разгледува предлозите и ќе утврдува образложени предлози за доделување на награди и признанија, кои ќе ги доставува до Советот на Општина Карпош. За реализација на наградите и признанијата се обезбедени средства во Буџетот на Општина Карпош за 2026 година.









