ЗАСАДЕНИ НОВИ 60 ОРЕВИ ВО КАРПОШ
- февруари 10, 2021
- 0
Комуналните служби на Општина Карпош засадија 60 ореви во дворовите на повеќе градинки и основни училишта. Дворовите на воспитно – образовните установи се лоцирани внатрешно меѓу населбите. На овој начин, со садењето на овие висококвалитетни дрвја уште повеќе се зголемува меѓублоковското зеленило.
Со денешната акција беа опфатени градинките: „Мајски цвет“ (Тафталиџе 2), како и два објекти на градинката „Пролет“ (во Козле и Влае 1). Од основните училишта, нови дрвја беа засадени во дворовите на „Петар Поп Арсов“ (Карпош 4), „Аврам Писевски“ (Бардовци) и „Братство“ (Тафталиџе 2).
Засадувањето на овие ореви е во рамки на акцијата за садење на 300 ореви во Карпош. Садниците се донација од Факултетот за земјоделство и храна, а се садат во повеќе фази, согласно временските услови.
Локалната самоуправа и во претстојниот период продолжува со зголемување на зеленилото во сите населби. За 2021 година, одвоени се буџетски средства во висина од шест милиони денари за садење на нови дрвја, тревни површини и поставување на системи за наводнување.