ЗАПОЧНА КАРПОШОВОТО КУЛТУРНО ЛЕТО 2025
- август 19, 2025
- 0
Звуците на етно музиката, безвремените хитови на македонските евергрин изведувачи и прекрасните уметнички дела кои беа изложени на платото кај „Млечен“, вечерва го означија почетокот на традиционалната манифестација „Карпошово културно лето 2025“ која се одржува секоја година под покровителство на Општина Карпош. Во оваа пригода, присутните ги поздрави градоначалникот Стевчо Јакимовски, кој им посака незаборавни мигови и пријатна дружба на љубителите на културата и уметноста.
– Како и досега, Општина Карпош се потруди да обезбеди финансиски средства за одржување на оваа традиционална манифестација, која ја паметат повеќе генерации карпошани. Оваа година целосно се фокусиравме кон домашните изведувачи, со цел да го поттикнеме македонското творештво. Се надевам дека направивме добар избор на артисти и дека сите вие ќе уживате во овогодинешната програма – истакна Јакимовски.
На премиерната вечер пред голем број посетители со својата нескротлива енергија настапи талентираниот музичар Мишел Трајковски во придружба на својот оркестар. Веселите акорди од хармониката на младиот Трајковски ги разиграа почитувачите на етно, латино и џез звуците, кои уживаа во неговиот инструментален перформанс. Сценскиот простор дополнително го облагородија изложените ликовни дела на уметничката Елена Галика, која понуди интересен концепт преку сопствениот специфичен естетски израз. Срцата на публиката ги стоплија незаборавните забавни рефрени и мелодии, испеани од легендите на македонската забавна музика, Драган Мијалковски, Зорица Поп Панкова, Сашо Гигов Гиш, Џон Илија Апелгрин, бравурозната Ана Петановска и Тања Тас. Прекрасните вокали на вечерашните евергрин изведувачи ги придружуваше оркестарот на Радио Бубамара, под водство на етаблираниот музичар Дамир Имери.