Со поддршка од Општина Карпош, денеска беше реализирана завршната психо-едукативна работилница, организирана од приватната болница „Аџибадем Систина“. На почетокот од работилницата се обрати д-р Камелија Симеонова, специјалист по детска и адолесцентна психијатрија и главниот  промотор на психоедукативните работилници.. Како главен пример таа го нагласи предизвикот со кој наставниците се соочуваат при одржување на вниманието кај учениците, а истовремено го сподели своето гледиште за притисокот што современите родители го чувствуваат во нашето општество и ја нагласи потребата од психоедукативен образовен модел.

 Во рамки на работилницата, присутни беа и експертите  д-р Верица Малинкова Димовска, специјалист по психијатрија и дефектологот м-р Бољетин Зенуни од приватната болница „Аџибадем Систина“. Тие ја збогатија и надополнија стручната обука, со цел психо-едукативниот процес поефикасно да се применува во основните училишта.

На денешната психо-едукативна работилница, активно учество имаа наставниците и стручните служби од четири основни училишта: ООУ „Петар Поп Арсов“, ООУ „Војдан Чернодрински“, ООУ „Вера Циривири Трена“ и ООУ „Лазо Трповски“. Размената на искуства помеѓу учесниците резултираше со донесување заклучоци насочени кон практичната примена на психо-едукативниот процес во основните училишта. Предавањето во рамки на работилницата овозможи размена на знаења и примери, насочени кон унапредување на практиките во областа на менталното здравје особено кај учениците од основните училишта.

  Во рамките на обуката беше нагласена потребата од континуирана соработка со стручни лица и навремена поддршка од здравствените установи. Посебен акцент беше ставен на психоедукацијата како средство за зајакнување на наставниот кадар кој секојдневно се соочува со комплексни предизвици.

Со реализираните психо-едукативни работилници, Општина Карпош ја потврди својата определба за континуирана поддршка и унапредување на професионалните капацитети во основното образование.