Десет академски уметници деновиве ги изработуваа своите ликовни творби во дворот на црквата „Св. Пантелејмон“ во Долно Нерези, во рамки на тридневната ликовна колонија „Нерешки мајстори“ која се одржа од 19-21 август. Инспирацијата за сопствената експресија, академските сликари ја најдоа во  спонтаната атмосфера која ја создала природата и мистичното опкружување  на прекрасниот верски објект. Нивните сликарски дела говорат низ специфичниот, колоритен, стилско – уметнички израз, во техниките акрил и масло на платно.

Во знак на добрата соработка, уметниците ги подарија своите вредни ликовни творби, кои отсега ќе ја збогатуваат широката ризница на уметнички дела со која располага Општина Карпош. Уметниците изразија искрена благодарност за континуираната поддршка која ја добиваат од Општината и истакнаа дека навистина им значи грижата на локалната самоуправа во насока на уметноста.

Во оваа пригода, градоначалникот Стевчо Јакимовски им врачи на учесниците, благодарници за учество на ликовната колонија, како и по еден примерок од печатеното издание на монографијата „Карпош низ годините преку уметноста“.