Во организација на Светската Здравствена организација (СЗО), Фондот за децата на Обединетите нации (УНИЦЕФ) и Центарот за одржлив развој – БИОМ од Скопје, вчеравечер во амфитеатарот на Универзитетот Скопје се одржа Првиот Форум во општина Карпош, на тема „Подигање на јавната свест за менталното здравје на децата и адолесцентите“ – Заедниците за младите. Воедно, Општина Карпош е првата и единствената локална самоуправа во Скопскиот регион којашто учествува во овој т.н. „пилот“ проект. Покрај организаторите, на Форумот присуствуваа и советничките од Општина Карпош, Добрила Андоновска, Виолета Куновска, Благица Цветановска и Невена Георгиевска, потоа дел од образовно – воспитниот персонал на основните училишта и детските градинки на територија на општината, исто така и вработените во општинската администрација, како и првиот човек на локалната самоуправа, Стевчо Јакимовски. Поздравно обраќање имаше претставничката од БИОМ која го најави настанот со вовед во темата за актуелната дискусија, по што се обрати и градоначалникот Јакимовски, кој во оваа пригода говореше за активностите кои ги презема Општина Карпош во насока на поддршка на младите.

  • „Ние како институција се грижиме секој успех на младите да биде препознаен и награден и на тој начин сакаме да им помогнеме, тие да се чувствуваат дека припаѓаат на оваа заедница. Во таа насока, ние како локална самоуправа се разбира заедно со другите институции од државава треба  да ги развиваме своите капацитети, за да бидеме коректив на евентуалното несоодветно однесување во родителското воспитување“ – истакна Јакимовски.

Тој напомена дека основните училишта и детските градинки на територија на Карпош во најголем дел располагаат со стручен кадар (педагог, психолог, дефектолог, логопед и социјален работник), додека пак Општината од друга страна континуирано ги поттикнува и наградува талентираните основци и спортисти со ученички стипендии. Во своето обраќање, првиот човек на општината посочи дека локалната самоуправа ги поддржува но и учествува во организирање и реализирање на проектите за млади во училиштата, преку кои се овозможува анти-булинг и психо-социјална поддршка на децата и адолесцентите.

  • „За најмладите карпошани, Општината секоја година обезбедува квалитетни еколошки дидактички материјали за реализирање на современ воспитно – образовен процес во градинките. Од особено значење е функционирањето на петте сензорни соби во основните училишта во Карпош, а наскоро ќе профункционираат уште две вакви простории во детските градинки“ – посочи Јакимовски.

Градоначалникот на Карпош ги информираше присутните и за Локалната стратегија за млади (2023 – 2027) година, која ја усвои Општината и најави дека во процес на формирање е и Советот на млади од Карпош.

  • „Како значајна активност која ја реализира локалната самоуправа, секако е и социјалната услуга „Центар за стручна помош и поддршка на лица со попреченост и нивните семејства“, која се спроведува во соработка со Здружението Монтесори, МТСП и Светска Банка. Исто така, на иницијатива на Општината е формиран и Локален совет за превенција, кој презема конкретни мерки за поголема безбедност на младите но и на сите граѓани на Карпош“ – додаде тој.

По освртот на Јакимовски, свое обраќање имаа и претставникот на Министерството за здравство, Д-р Стојан Бајрактаров и  Џенифер Хал од СЗО, по што се разви и панел дискусија со кусо експертско предавање и споделување на разни искуства и сознанија на темата, која сама по себе наметна дебата, од која произлегоа  прашања на кои одговараа стручните лица. 

Инаку, овој Форум треба да овозможи отворена дискусија меѓу жените лидерки на заедницата, но исто така и да поттикне соработка со локалните институции и воспитно – образовни установи во Карпош, во врска со распространетите проблеми со менталното здравје со кои се соочуваат децата и адолесцентите. Практично на овој начин, учесничките ќе се запознаат подетално со стратегиите и потенцијалните решенија кои можат да се усвојат и промовираат на ниво на заедница, како би ги решиле актуелните предизвици за менталното здравје на младата популација. На овој начин, жените лидерки би поттикнале вмрежување и меѓусебна соработка, за колективно решавање на проблемите со менталното здравје во рамки на својата општина.

             Оттука, целната група која ќе биде инволвирана во овие активности ја сочинуваат жените лидерки од општините Гостивар, Крива Паланка, Карпош и Битола. Активностите ќе се спроведат во периодот октомври – декември 2023 година, почнувајќи со обука на лидерки од секоја од четирите наведени општини (пет жени по општина) и продолжувајќи со организација на форуми во заедниците и разговори во четирите училишта каде СЗО ја спроведува иницијативата за училишта кои го промовираат здравјето (во рамките на истите општини). Со истата динамика, активностите ќе продолжат да се реализираат и во други општини во државава, во текот на 2024 година.

Како потсетување би напоменале дека во септември 2020 година, СЗО и УНИЦЕФ потпишаа иновативна „Заедничка програма за ментално здравје и психосоцијална добросостојба и развој на децата и адолесцентите“ за периодот од 2020 до 2030 година. Оваа визионерска иницијатива има за цел да им овозможи на децата и адолесцентите (кои живеат во земји кои учествуваат во Заедничката програма), да искусат намалено страдање и да имаат подобро ментално здравје, психосоцијална добросостојба и развој. За да се постигне оваа цел, Заедничката програма се залага за зајакнување на капацитетот на земјите за спроведување на мултисекторски стратегии – засновани на докази и на човекови права – кои нудат можности, поддршка и услуги за децата, адолесцентите и нивните негуватели. Дополнително, Заедничката програма е насочена кон зголемување на видливоста, свесноста и инвестициите во оваа област, низ соработка, како на национално, така и на глобално ниво.