ЕФИКАСНИОТ СИСТЕМ НА ШТЕДЛИВО ОСВЕТЛУВАЊЕ ВО КАРПОШ – ПРИМЕР ЗА ЗЕМЈИТЕ ВО РЕГИОНОТ
- декември 2, 2025
- 0
Претставникот од Општина Карпош, м-р Дејан Јонузоски одржа презентација на тема – Придобивки и можности на вредности со утврдени сценарија во ЛЕД управување, како дел од проектот „Систем за управување на ново поставено ЛЕД осветлување на територија на Карпош. Презентацијата се одвиваше во рамки на стручното советување кое го организираше Друштвото за осветлување на Србија кое се одржа минатиот месец на планината Тара.
За таа намена, Општината има изработено развојна Програма за периодот од 2023-2026 година, каде што ревитализацијата и модернизацијата на уличното осветлување се утврдени како клучни приоритети на локалната самоуправа. Во таа насока, Општина Карпош изврши набавка и инсталација на нови паметни, штедливи ЛЕД светилки, кои ги заменија постоечките улични натриумови светилки во урбаниот и руралниот дел на општината. Притоа, службите користат посебен софтвер за индивидуална контрола, управување и мониторинг на секоја паметна улична светилка поединечно и групно. Согласно иницијалните анализи, имплементацијата на ЛЕД светилки како и користење на интелигентен систем за контрола, носи потенцијал за заштеди на потрошувачката на енергија за јавното осветлување од околу 60-90% во однос на постоечкиот систем.
Инаку, ЛЕД (light-emitting diode) како релативно нова технологија на осветлување нуди низа предности како што се:
– Заштеда на електрична енергија преку замена на постоечките конвенционални извори на светлина (натриумови, живини , метал-халогени) од околу 60-90%;
– ЛЕД енергетски ефикасни светилки со висока светлосна ефикасност (lm/W);
– Релативно долг животен век (мин. 15 години), со што драстично се намалуваат трошоците за одржување;
– Нема ултравиолетово и инфрацрвено зрачење;
– Моментално постигнување на максималниот светлосен флукс при палење;
– Можност за прецизна дигитална регулација на светлосниот интензитет према потребите и временските услови во кои се одвива сообраќајот;
– Дополнителна заштеда на електрична енергија заради можноста на дигитална регулација на светлината;
– Висок индекс на репродукција на бои,
– Отпорност на вибрации и удари,
– Користење на материјали кои лесно се рециклираат итн.
Презентацијата на стручното лице од Општина Карпош остави силен впечаток кај учесниците, кои покажаа интерес за импресивниот систем за управување со уличното ЛЕД осветлување кое функционира во Карпош. Во тој поглед, учесниците изразија желба за поинтензивна соработка помеѓу Општина Карпош и претпријатијата кои се вклучени во делот на одржувањето на уличното осветлување, во неколку градови во Република Србија.









