ДОСТОИНСТВЕНО ОДБЕЛЕЖАН СПОМЕНОТ ЗА КУЗМАН ЈОСИФОВСКИ-ПИТУ
- февруари 25, 2026
- 0
Со хорска изведба на националната химна „Денес над Македонија се раѓа“, од хорот „Серенада“, денеска, Сојузот на борците од НОАВМ (1941-1945) и граѓаните кои го почитуваат ликот и делото на Кузман Јосифивски-Питу, ја одбележаа 82-годишнината од загинувањето на еден од најголемите партизански и народни херои во Народноослободителната борба (НОБ) во Македонија. Пред спомен-обележјето на народниот херој во населбата Козле, со пригоден говор, градоначалникот на Општина Карпош Сотир Лукровски ги поздрави присутните граѓани и членовите на Сојузот на борците, истакнувајќи дека овој датум е за сеќавање, за достоинство, но и за историска одговорност, кон херојот кој го вградил својот живот во темелите на македонската државност.
- „Почитувани претставници на Сојузот на борците, ценети членови на здруженијата на пензионери, драги сограѓани почитувачи на ликот и делото на нашиот народен херој. Кузман Јосифовски-Питу, беше симбол на непоколебливата верба во слободата и во правото на македонскиот народ за сопствена држава. Неговата лична жртва, беше израз на длабоко вкоренета љубов кон татковината и кон идните генерации. Благодарение на ваквите историски личности, ние денес живееме во сопствена и меѓународно признаена држава. Меѓутоа нашата задача не е само да ги споменуваме, туку да ги разбираме и одржуваме во пракса нивните идеали. Државноста не се гради само со историски и политички декларации . Таа се гради секој ден со одговорност , со почитување на различностите, со солидарност и со заедништво. Се гради со дијалог, наместо со поделби, со почит, наместо со навреди, со работа, наместо со празни зборови“ – нагласи првиот човек на Општина Карпош Сотир Лукровски.
Претседателот на СБМ –Карпош Владо Трајаноски истакна дека ликот, делото и саможртвата на народниот херој К.Ј-Питу, ќе биде вечно вградена во македонската држава, бидејќи преку партизанската борба и положувањето на животите на младите македонски партизани во текот на Втората светска војна, се создала и утврдила македонската современа држава. Од друга страна историчарот Здравко Стојкоски, во својот говор потсети за историската улога на Кузман Јосифовски-Питу и неговите соборци, и колку нивната борба била клучна за формирање на Македонија како суверена држава и конститутивна единица во рамките на идната заедничка држава СФР Југославија.
Кузман Јосифовски –Питу е македонски народен херој кој заедно со Орце Николов, Мирче Ацев, Стеван Наумов-Стив, Христијан Тодоровски- Карпош се главните организатори на антифашистичкото движење и народноослободителната борба во Македонија, и токму поради неговата неуморната народно-ослободителна дејност е наречен „Гоце Делчев на НОБ“. Пригодниот настан беше збогатен со драмски изведби и рецитали на ученици како од основните училишта во Карпош, така и од основни училишта од општините Кисела Вода и Ѓорче Петров. Наместо икебани, оваа година присутните положија свежо саксиско цвеќе, кое по одбележувањето ќе биде засадено во „Паркот на револуцијата“, кај спомениците на Првиот скопски Партизански одред.









