Општина Карпош работи на обнова на двете детски игралишта, на платото на „Млечен“ во УЗ Владо Тасевски, како и на платото во Карпош 3 (кај фонтана).

Предвидено е поставување на нови реквизити за најмладите. Исто така, ќе биде монтирана и гумирана подлога на двете игралишта, со цел да се обезбеди поголема заштита и безбедност на децата.

 

Градоначалникот Стефан Богоев беше во теренска обиколка на платото на „Млечен“, каде што деновиве се вршат повеќе санации: обнова на жардиниерите и засадување на нови украсни растенија, како и обновување на постоечката урбана опрема (клупи за седење).

 

  • Маалата во Карпош добиваат нова слика, со многу повеќе зеленило и содржини за сите генерации. Ве повикувам да ги чуваме платоата, детските игралишта, зеленилото и урбаната опрема. Сето ова го правиме со буџетски средства, пари на сите нас – граѓаните, рече Богоев.

 

Реквизитите на детските игралишта и урбаната опрема често пати насилно се уништуваат, при што Општина Карпош поднесува и пријави до Полициската станица – Карпош.

 

Заштитата на јавниот простор, на јавните добра е еден од приоритетите на локалната самоуправа, но за ова ни е потребна поддршка и лична одговорност од сите граѓани.

Општина Карпош продолжува да вложува во раззеленување на населбите и хуманизација на јавниот простор. Целта е да создаваме зони за спорт и рекреација во сите населби.