Од денеска е пуштен во употреба новиот објект „Први стапки“  во рамки на градинката „Орце Николов“ во населбата Карпош 3, каде дополнително ќе бидат згрижени околу 100 дечиња на возраст од четири до шест години. Станува збор за повеќенаменски простор во чиј состав влегуваат четири занимални, од кои секоја од нив зафаќа површина од околу 57 м2.  Инаку, просториите се опремени со современа опрема, столарија и модерни дидактички материјали. За изградба на новиот објект, Општина Карпош која претходно аплицираше на Јавниот повик на МТСП, доби грант во висина од 28 милиони денари преку Министерството за труд и социјална политика (МТСП), кој пак го доделува Светска банка преку „Проект за подобрување на социјалните услуги“. Насоките за проектирање на овој објект ги даде словенечкиот архитект Јуре Котник кој е ангажиран како консултант на Светска банка, и според него овој простор претставува своевиден нов концепт за развој и стимулација на моториката кај децата.

 

На свеченото отворање на новиот објект присуствуваа и Претседателот на Владата на РСМ, Димитар Ковачевски, министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска и градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски.

 

Притоа, премиерот Ковачевски се осврна на стратешката определба на оваа Влада, со посебен акцент на унапредување на човечкиот капитал во земјава, како и на подигнување на квалитетот на живот на сите граѓани.

 

  • Сигурен сум дека сите го споделуваме чувството на радост и гордост, што сме овде, во најстарата градинка во Македонија во којашто беа згрижени околу 400 деца, а сега е направено ново зголемување на капацитетот на градинката за уште 100 дечиња. Станува збор за модерна асеизмичка градба, комплетно енергетски ефикасна, со современ концепт за сместување, згрижување и воспитување во јасли и групи според соодветната возраст на децата. Нашите најмили уште од најмалата возраст заслужуваат да растат и понатаму низ животот да се развиваат, учат и да живеат како нивните врсници во Европа и светот – посочи премиерот Ковачевски.

 

Во оваа пригода министерката Тренчевска ја истакна важноста на новиот објект, како и инклузивниот пристап и соработката со локалната самоуправа.

 

  • Сметам дека првите години од развојот на децата е најважен период во нивниот живот, и оттаму министерството презема мерки со кои ќе се создадат услови за поттикнување на раниот детски развој. Посебно задоволство е кога се реализираат проекти коишто се од голема полза за граѓаните. Токму затоа, за оваа градинка веќе се одобрени 12 нови вработувања на стручен и помошно – технички персонал  – изјави Тренчевска.

 

Градоначалникот Стевчо Јакимовски го потенцираше значењето на соработката меѓу централната и локалната власт, при што изрази особено задоволство што Општина Карпош добива еден нов, современ објект во склоп на претшколската установа „Орце Николов“.

 

  • Би сакал јавно да ја истакнам нашата благодарност до Светска банка и до Министерството за труд и социјална политика, бидејќи ни помогнаа да го прошириме капацитетот за прием на нови дечиња во оваа градинка. Морам да кажам дека општина Карпош се соочува со една пријатна ситуација, а тоа е дека кај нас се зголемува бројот на дечиња кои ќе бидат згрижени во нашите градинки, за разлика од други градови каде што се намалува овој број. Тоа е резултат на квалитетната услуга која ја нуди персоналот којшто е ангажиран во овие наши установи и секако условите коишто постојат за згрижување на најмладите жители на Карпош, постоечката инфраструктура и самиот амбиент во општината – прецизираше Јакимовски.

 

Првиот човек на Општината најави дека локалната самоуправа ќе продолжи да работи во оваа насока, и напомена дека токму на оваа тема разговарале со премиерот Ковачевски и со министерката Тренчевска.

 

  • Веќе ги подготвуваме проектите за изградба на две нови градинки на наша територија, но во исто време е потребно да се донесат новите урбанистички планови за таа намена, за да можеме да обезбедиме целокупен опфат на сите делови во Карпош. Ова кога го велам, посебно мислам на делот на Средно Нерези за каде што разговараме да изградиме една предучилишна установа – додаде градоначалникот Јакимовски.