Во детската градинка „Мајски цвет“ во Тафталиџе 2, денеска се отвори првата Градина од сказните. Најмладите, заедно со нивните наставници го уредија својот двор и ја разубавија околината, правејќи Градина од сказните и креативни катчиња кои се изработени од еко – материјали.

На настанот присуствуваа голем број родители, дечиња и дел од воспитниот кадар од оваа предучилишна установа.

     

      Пред присутните се обрати и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, кој ја поздрави оваа иницијатива за разубавување на дворот и подигнување на свеста за  заштита на природата кај најмладите:

 

       – Целта на предучилишното образование е да ја даде основата, да научите да творите, а потоа на училиште да се надградувате и да растете со нови знаења и искуства. Сепак, горд сум што во Карпош има деца, воспитувачи/негувателки и родители кои сакаат да избегаат од секојдневното, тековното и да бидат креативни. Вие сте белег на современото и модерното –  на           европски Карпош. Од мали нозе да се создава, да се креираат работи е навистина значајно и вредно, рече Богоев кој потоа им се придружи на присутните и ја проследи куклената претстава.

       

            Свое обраќање имаше и директорката на оваа градинка, Ангела Ангеловска, која говореше за  процесот додека се правеше градината и ја потенцираше успешната соработка меѓу сите страни.

 

           Овие градини се наоѓаат пред новиот објект на градинката „Мајски цвет“ – Јасмин. Објектот „Јасмин“ кој зафаќа 450 метри квадратни и има капацитет за сместување на 90 деца, беше пуштен во употреба оваа година. Тој е опремен со нови играчки и дидактички материјали, интерактивни ѕидови за цртање и хигиенско – санитарни услови по сите стандарди.