Општина Карпош забележа значаен меѓународен успех — Роберт Јанковски едногласно беше избран за претседател на Собранието на АЛДА (Европската асоцијација за локална демократија) за 2025 година. Изборот се случи на редовното Генерално собрание на организацијата, што се одржа во Рим.

АЛДА – Европската асоцијација за локална демократија (European Association for Local Democracy) – е водечка европска мрежа основана во 1999 година, со цел да го промовира доброто управување, учеството на граѓаните и зајакнувањето на локалната демократија преку соработка меѓу локалните власти и граѓанското општество. Денес, АЛДА обединува над 350 членки од Европа и пошироко: општини, региони, невладини организации и други локални актери.

Предлогот за избор на Јанковски дојде директно од највисокото раководство на АЛДА — генералниот Секретар Антоанела Валморбида и Претседателката Наташа Вучковиќ, кои ја истакнаа неговата стручност и долгогодишна посветеност на унапредување на локалната демократија и граѓанското учество.

Општина Карпош е полноправна членка на АЛДА и има долгорочна и плодна соработка со канцеларијата на АЛДА Балкан со седиште во Скопје, со која реализирала бројни заеднички проекти од областа на локалното управување, одржливиот развој и партиципативната демократија.

Делегацијата на Карпош, предводена од Јанковски, ја сочинуваа и Мирјана Ѓорѓиевска, Александра Теова и Емир Ибраим. За време на работната посета во Рим, беа одржани повеќе панел дискусии на кои членовите на делегацијата активно учествуваа: Ѓорѓиевска говореше за предизвиците и искуствата во финансиското управување на локалните самоуправи, Ибраим ја претстави практиката и значењето на архивското работење, додека Теова и Јанковски дискутираа за развој на заеднички проекти финансирани од ЕУ и други донатори, како и за можностите за збратимување со општини од земји членки на Европската Унија.

Настанот го отвори Гун Марит Хелгесен, потпретседателка на Конгресот на локални и регионални власти при Советот на Европа, која во своето обраќање ја истакна потребата од јакнење на локалната демократија преку вклучување на граѓаните и иновативни пристапи во локалното управување.

АЛДА упати искрена благодарност до Општина Карпош за нејзината посветеност на демократските вредности и до Роберт Јанковски за успешно и професионално претседавање со Собранието на АЛДА 2025.