Под покровителство на Општина Карпош, во организација на ,,Буба Клуб Македонија”, денеска, пред ,,Skopje City Mall”, беше одбележан Светскиот ден на „Бубата“, 22. јуни. Станува збор за вториот собир годинава каде беа изложени прекрасните ретро – модели, а сите љубители на олдтајмери и на култната „Буба“ имаа можност попладнево да поразговараат со сопствениците на класичните автомобили.

Во рамки на двочасовната манифестацијата која беше збогатена со широка музичка програма, беа изложени околу 15 возила каде присуствуваа учесници од разни клубови ширум Македонија (ОТК „Пежо 404 Клуб“, „Gentleman’s Crew Skopje”, „Струмица Ретро Клуб“, „2CV Спачек Клуб Скопје“, „Олдтајмер Витези од Куманово).
Инаку, граѓанската асоцијација – Клуб на историски возила ,,Буба клуб – Македонија” е формиран во 2010 година, и оттогаш клубот бележи низа активности, во кој речиси секојдневно се придружуваат нови сопственици на популарната фолксваген Буба, како и љубители на олдајмерите.
Клубот за првпат во историјата на Македонија е формиран по иницијатива на неколку членови, со цел да се обединат сите сопственици на „Буба“ возилата во нашата држава. На тој начин тие ќе можат подобро да го афирмираат ова легендарно возило, како синоним за квалитет, издржливост, симбол на мирот и генерациите.