ВЕЛО – ДРУЖБА И ЗАБАВА НА МЛЕЧЕН
- септември 1, 2020
- 0
Вело – трки, боење со креди, меморија и други друштвени игри беа на агендата на денешниот „ВЕЛО – РОДЕО“ настан, кој се одржа на платото на „Млечен“, во организација на здружението „Еко – лоџик“, а со поддршка од Општина Карпош
Младите, учениците од основните училишта и децата од градинка можеа да уживаат во активностите на отворено, кои беа спроведени по протоколот за организација на јавни настани.
Младите во најголем број дојдоа со својот велосипед, при што имаа можност да го поминат полигонот за возење, на којшто беа поставени различни препреки и симулации на mountain biking (планински велосипедизам).
Исто така, тие учеа за сигнализацијата во велосипедскиот сообраќај, како да се однесуваат кога менуваат насока, да даваат предност, со цел да има поголема безбедност за сите учесници во сообраќајот.
На денешниот вело – настан учествуваше и градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев. Низ разговор со присутните, тој посочи дека на овој начин младите ги враќаме во населбите, го развиваме нивниот спортски дух, а патем, за момент ги забораваат мобилните и е-уредите и се физички активни.
Локалната самоуправа ќе продолжи да поддржува настани кои имаат за цел да го вратат маалскиот соживот во Карпош. На директен начин покажуваме како треба да се користи јавниот простор,којшто треба да биде достапен за користење на граѓаните и граѓанските организации.