БОГОЕВ ДО КУЌНИТЕ СОВЕТИ: ЗГОЛЕМЕНА ХИГИЕНА – СИТЕ СМЕ ОДГОВОРНИ
- март 14, 2020
- 0
Зголеменото одржување на хигиената и во колективните објекти за домување – згради е еден од предусловите за поголема заштита од ширење на COVID – 19 (коронавирусот).
Токму за оваа цел, градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев испрати препораки до сите заедници на сопственици, управители на згради, куќни совети, за подигнување на нивото на хигиена во влезовите.
- Иако колективните објекти – зградите не се јавни објекти туку се во сопственост на станарите, сакам да апелирам на зголемена хигиена во влезовите на зградите, подрумските и гаражните делови, како и сите други делови од зграда кои спаѓаат во етажна (заедничка) сопственост на станарите, се вели во дописот на Богоев.
Во прилог на писмото се испратени и препораките од надлежните институции, со намера истите да бидат поставени на огласните табли на влезовите и граѓаните да бидат информирани за мерките.
Локалната самоуправа продолжува со интензивни мерки за спречување на коронавирусот: темелно се мијат улиците, следува дезинфекција на училиштата и градинките (пред почеток на наставата), се поставуваат информативни постери со препораките на фреквентни места, а преку електронски пат може да се извади потврда за редовен ученик или одење во градинка.
Ги повикуваме граѓаните, максимално да се придружуваат до мерките. Да избегнуваат присуство во поголеми групи, затворени простории, редовно да ги мијат и дезинфицираат рацете и точно да се информираат за актуелните состојби преку www.zdravstvo.gov.mk и www.karpos.gov.mk .