БАРДОВЦИ ГО ДОБИ „ВИНОЖИТО“ – НОВ КЛОН НА ГРАДИНКАТА „РАСПЕАНА МЛАДОСТ“
- февруари 28, 2019
- 0
Советниците на денешната седница на Советот на Општина Карпош ја изгласаа одлуката за давање согласност за отпочнување со работа на новиот објект на јавната установа – општинска детска градинка „ Распеана младост“, во објектот „Виножито“. Станува збор за нов изграден објект, кој ќе биде клон на оваа градинка во населбата Бардовци. Новите простории се изградени со финансиски средства од буџетот на локалната самоуправа и грант од 120.000 евра од Светска банка. Со овој објект, најмалите карпошани од населбата Бардовци, ќе бидат згрижени и сместени во градинка во своето населено место. Интенција на локалната самоуправа и во иднина ќе биде проширување на капацитетите на градинките кои се наоѓаат на територија на Општина Карпош.
Извештајот за работите во однос на јавната безбедност и безбедноста на сообраќајот на патиштата на подрачјето на Полициската станица од општа надлежност Карпош за 2018 година исто така доби „виза“ од советниците на Карпош. Она што е посебно забалежително од тој извештај е што во споредба со годината претходно, криминалитетот во Карпош е намален за 7-8 отсто. Исто така, беше усвоен и Извештајот за вкупниот договорен износ по доверители за финансирање на доспеани, а неплатени обврски до 30.09.2018 година, со кои Општината преку преговарање успеа да заштеди над 10 милиони денари, преку намалување на главнината на побарувањата од доверителите, откажување од камати и судски трошоци и сл.
На денешната седница беше донесена одлуката за утврдување на вредноста на бодот за пресметување на платите на јавните службеници за 2019 година во јавните детски градинки и општинските основни училишта од територијата на Општина Карпош. Се прифати и предлог-решението за формирање на комисија за изработка, следење и спроведување на Акционен план за 2019 година, произлезен од Локалниот еколошки акционен план – ЛЕАП 2019-2024 година.