Денеска на Бадник, ден пред големиот христијански празник Божиќ, педесетина коледарчиња, кои учествуваа во Бадниковата поворка во Бардовци, го посетија градоначалникот на општина Карпош Стевчо Јакимовски.

Коледарите носеа Божиќни ѕвезди кои симболично го осветлуваа патот по кој се движеа бадникарите, а откако прошетаа низ Бардовци, дојдоа во просториите на општина Карпош каде што беа пречекани од градоначалникот. Младите бадникари ја испеаја Божиќната песна „Вечниот Бог“, а градоначалникот Јакимовски им посака среќни Новогодишни и Божиќни празници и во духот на Христовото раѓање, на дечињата им подели божиќни пакетчиња.
Бадниковата поворка и годинава беше организирана од црквата Света Троица од Бардовци, по повод Христовото раѓање, а беше поддржана од општина Карпош со 100.000 денари.