Општина Карпош е првата општина во регионот која го комплетираше процесот Microsoft Learning Pathway (тренинг, вежбање и сертификација) и го подигна нивото на дигитална писменост во сите десет основни училишта, после спроведените обуки и испити од Certi Adria – Семос едукација.

 

Наставници од Карпош се стекнаа со сертификати кои се стандардизирани на глобално ниво и го потврдува нивното знаења за Microsoft програмите.

Надградбата на наставниците за Word, Excel, Power Point ќе придонесе за поголема конкурентност на училиштата при подготовка на проектни апликации за добивање на грантови и средства од донаторската заедница, а ќе се постигне и организирање на подинамична настава.

 

На денешното доделување на сертификатите, раководителката на Одделението за образование при Општина Карпош, Емилија Арсовска истакна дека ерата на дигитализација значи дека граѓаните можат да остваруваат права и да добиваат услуги и по електронски пат, а важни се дигиталните вештини со кои располага администрацијата, наставниот кадар, управите на училиштата, градинките и сите други чинители во рамки на локалната заедница.

 

  • Преку веќе стекнатите знаења, наставниците ќе можат да пренесат дел од истите и на учениците. Тоа што сакам да го истакнам, е дека Карпош ја ограничи употребата на мобилни телефони во наставата, но, тоа не значи дека кажавме стоп на информатичката технологија и развојот на дигиталните вештини.

Напротив, во повеќе наврати посочивме дека технологијата треба да се користи за добро и паметно. Искрено се надевам дека на овој начин ќе се подигне и квалитетот на настава. На учениците ќе им се понудат поквалитетни и подинамични часови, како и визуелизација на наставната материја, рече Арсовска.

 

 

На настанот се обрати и оперативниот директор на Certi Adria, Марко Серафимовски, кој зборуваше за глобалната важност на дигиталната писменост и сертификацијата. Серафимовски го истакна задоволството од фактот што Карпош ја препозна идејата за зголемување на дигиталната писменост на локално ниво и Општината претставува пример за нудење на квалитетно и напредно основно образование.

 

Исто така, свое лично искуство сподели и наставничката по хемија од ООУ „Јан Амос Коменски“, Александра Блажевска. Таа ја заврши обуката и успешно го положи тестот – Microsoft Office Specialist (Word 2019), со освоени 970 поени од можни 1000 и беше посочена како позитивен пример.

 

Блажевска ги охрабри и ги повика и другите наставници да се приклучат кон обуката на Certi Adria, затоа што како што рече: секогаш кога мислиш дека знаеш доволно, се отвораат нови правци и учиш нови работи.