„BALANS + ЗОНА“ – НОВА ФИТНЕС ЗОНА ВО КАРПОШ
- јули 10, 2018
- 0
На Кејот на реката Вардар, во близина на Алпинистичката карпа, денеска е поставена нова фитнес зона, уште едно спортско катче во Општина Карпош.
Во рекреативната зона на Кејот присуствуваа повеќе спортски клубови чии спортисти имаа шанса да вежбаат на справите кои ќе бидат достапни за сите граѓани.
Оваа фитнес зона е донација од компанијата „Бимилк“. Во оваа прилика градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев ја поздрави општествената одговорност на компанијата и покажаната грижа за развивање на здравите навики кај граѓаните и локалната заедница.
– Задоволство ми е што фитнес зоната се надоврзува токму на овој потег, каде што граѓаните во овој период од годината традиционално спортуваат и се активни, рече Богоев.
Градоначалникот напомена дека на оваа локација, од Алпинистичката карпа до бунарите на реката Вардар, ќе биде изграден и новиот парк кој дополнително ќе го оплемени просторот, со ново зеленило и содржини, како и парк за миленици, така што, целиот комплекс покрај Вардар, во овој дел на Кејот ќе биде исклучително атрактивна рекреативна зона во Карпош, меѓу најдобрите, ако не и најдобра во Град Скопје и во државата.
На денешната прес конференција се обрати и Полексена Јанкуловска, маркетинг менаџер во „Бимилк“.
– Главниот фокус на нашата компанија е здравјето, и тоа не само преку обезбедување здрави млечни производи за нашите потрошувачи, туку и преку континуирана поддршка на рекреацијата и спортот, посочи Јанкуловска.
Оваа т.н. „Balans + зона“ има цел да го поттикне здравиот начин на живот и на директен начин да придонесе за зголемување на физичките активности на граѓаните.
Локалната самоуправа продолжува да работи на омасовување на спортот и подобрување на спортската инфраструктура. Оваа година беше отворена и новата, современа фитнес зона во Карпош 4.