ПРЕЗЕНТАЦИЈА НА ПРЕДЛОГ ИДЕЈНИ ПРОЕКТИ: „ПАРТИЗАН“ ДА БИДЕ СИМБОЛ НА АВТЕНТИЧНОТО, МОДЕРНОТО И УРБАНОТО
- мај 27, 2019
- 0
Во Општина Карпош, денеска се одржа работна средба за презентација на идејни проекти за обнова на спортската сала Наум Наумовски – Борче, „Партизан“.
На средбата учествуваа и претставници – архитекти од Меѓународната невладина организација „Културно Ехо“, кои во изминатиот период работеа на предлог идејниот проект за обнова на оваа култна спортска сала.
Ова е втора нивна посета на нашата држава и на Општина Карпош, откако во месец април беа во обиколка на салата и се уверија во нејзината фактичка состојба. За време на овој период архитектите беа во постојана соработка со службите од Општина Карпош и со градоначалникот Стефан Богоев.
Денеска, во присуство на градончалникот, како и претставници од Владата на Република Северна Македонија, советникот за спорт Даниел Димески, претседателот на Стрелачката федерација, Владимир Пандовски, директорот на ЈП за стопанисување со спортски објекти, Шпенд Хајредини, како и претставник од Сојузот на ветерани се презентираа идејните проекти за обнова на салата, но се разговараше и за одржливоста на „Партизан“ и добивање на мултифункционален карактер.
На почетокот, градоначалникот Богоев се осврна на важноста од враќање на овој објект во функција на спортот и рекреацијата. Тој посочи дека „Партизан“ треба да биде „споменик“ на автентичното, модерното, урбаното и да пратиме јасна порака дека нема да дозволиме запуштените објекти да пропаѓаат и да бидат нови згради.
Во воведниот дел, претставничките од „Културно Ехо“, Ивона Крстеска и Марија Гелмановска информираа за историските факти на спортскиот објект, а потоа се осврнаа и на предлог идејното решение кое би овозможило мултифункционалност на салата, а го подготвија заедно со Ана Грковска и Александар Кочовски.
Во склоп на дворот и надворешниот простор може да се интегрираат нови содржини, игралиште за деца и за спортување, кафетерија, French Corner (француско катче) кое ќе биде симбол на солидарноста што ја има покажано Франција кон Република Северна Македонија и сл.
Во оваа насока, се надоврзаа и меѓународните архитекти кои се дел од „Културно ехо“.. Хавиер Ромеро Висенте, Томас Ромеро Талеј, Матеус Сартори и Софија Цветковиќ (графичка дизајнерка).
Тие исто така зборуваа за максимално искористување на надворешниот, но и внатрешниот дел од салата. Намерата е да се задржи автентичноста на објектот, димензиите и пропорциите, намената за спорт, но и да се вметнат новите како што се: конференциска сала, дел за кино проекција, работни простории за дел од спортските работници, се со цел овој објект да биде економски одржлив и функционален.
Градоначалникот Богоев се заблагодари за презентираното и за големата волја и енергија што ја покажаа нашите млади, домашни и меѓународни архитекти, кои во изминатиов период на волонтерска основа ги изработуваа овие предлог идејни проекти.
Штом салата „Партизан“ се врати во сопстеност на Општината, ќе продолжи процесот за нејзина обнова и ревитализација. Секако, дека ќе бидат направени и дополнителни консултации со граѓаните, стручната јавност и спортските работници.
Симона Димковска, од „Културно ехо“ напомена дека во соработка со Општината ќе биде спроведена и анкета, за да се мапираат сите потреби на жителите и засегнатите страни, за елементите/содржините кои треба да бидат дел од „Партизан“.
На денешната средба сите присутни ги дадоа своите согледувања и предлози, од своите аспекти и области, но заеднички се согласија дека „Партизан“ треба час поскоро да заживее.