НОВА КУЈНА ЗА НАЈСТАРАТА ГРАДИНКА ВО МАКЕДОНИЈА
- јули 25, 2019
- 0
По речиси половина век, (по 48 години), ќе биде целосно реконструирана кујната во детската градинка „Орце Николов“, во Карпош 3, која воедно е и најстарата градинка на територија на нашата држава. Деновиве, активно се работи на поставување на нова санитарија, елементи во кујната и инсталациската мрежа. Сите санации се изведуваат во согласност со ХАСАП стандардите и насоките на Европската Унија за обезбедување на квалитетна и здрава исхрана за нашите деца.
Денеска, во посета на градинката беше градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев кој имаше можност да се увери во активностите за реконструкција на кујната, а со директорката Надица Гировска разговараше и за други проекти кои ќе се спроведат во рамки на ЈОУДГ „Орце Николов“.
– Покрај целосната реконструкција на кујната во објектот во Карпош 3, целосно се обновени и двете чајни кујни на „Орце Николов“ во објектот во Карпош 4. Исто така, на мое задоволство и во оваа градинка е воведено здраво мени на исхрана, со многу повеќе овошје и зеленчук во дневните оброци, интегрален леб, семиња и сирова храна, со цел уште од рани години дечињата да стекнат една „нова култура“ за своето здравје, рече Богоев.
Дополнително, тој се осврна и на фактот што од месец јуни, вработените во градинките (воспитниот кадар, негуватели, стручни работници, педагогог, психолог, логопед, дефектолог и др.) добиваат за 16 отсто повисока плата, тоа е зголемување за околу 3.000 денари (нето износ), за да имаме мотивиран кадар кој ќе работи со нашите најмлади.
Во претстојниот период, се предвидува и зголемување на капацитетите на градинката „Орце Николов“, во Карпош 3. Општината аплицираше и доби проект од Министерството за труд и социјална политика, со што ќе се прошири капацитетот за згрижување на најмладите.
Богоев истакна дека со добра инфраструктура, здрави навики и здрава исхрана и со мотивиран воспитен кадар се создава основа за изградба на подобри генерации на деца, ученици, граѓани на нашата држава.