На „Алпинистичката карпа“ долж Кејот на реката Вардар викендов , по деветти пат се одржа Балканското првенство за деца во качување на вештачка карпа – „Атомска мравка“. Меѓународната манифестација каде што се натпреваруваа повеќе од 150 деца од седум различни земји, ја организираше Спортско качувачкиот клуб „Карпош“, со поддршка од Општина Карпош, Град Скопје и Македонската спортско качувачка федерација (МСКЧ).

 

Станува збор за олимписки спорт кој е во подем и во нашата земја. Потврда за тоа е и големиот број на учесници од нашата држава, кои покажаа одлична физичка и психичка подготвеност при искачувањето на карпата.

 

На настанот присуствуваше и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, кој во оваа пригода напомена дека во октомври ќе започне изведбата на новиот Спортско – Адреналински парк, кој ќе се простира токму на овој потег.

 

Во рамки на проектот, целосно ќе се реконструира скејт паркот, ќе се санира и вештачката карпа, а просторот дополнително ќе биде збогатен со нови терени за фудбал и одбојка на песок, адреналински дел, детско игралиште, сквер и многу повеќе зеленило. Овој дел ќе биде меѓу најатрактивните спортско – рекреативни зони во нашиот град.

 

Во разговор со претставниците од МСКЧ, градоначалникот вети дека при санацијата на карпата ќе се земат предвид и нивните стручни забелешки и сугестии, со цел, на вистински начин да се подобрат условите за овој спорт.