ЛУКРОВСКИ НА ТРАДИЦИОНАЛЕН СЛОВЕНЕЧКИ МЕДЕН ПОЈАДОК
- ноември 20, 2026
- 0
Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, денеска присуствуваше на одбележувањето на традиционалниот словенечки меден појадок, организиран од Амбасадата на Република Словенија во Скопје, во соработка со Истражувачкото друштво на студенти биолози и ООУ „Аврам Писевски“. Традиционалниот словенечки појадок кој се состои од пет едноставни, но хранливи намирници – леб, путер, мед, млеко и јаболко – ги поттикна најмладите да се запознаат со значењето на здравата исхрана, важноста на домашното производство и незаменливата улога на пчелите во природата.
Градоначалникот Лукровски ја поздрави манифестацијата и истакна дека Општина Карпош секогаш ги поддржува ваквите едукативни иницијативи, кои кај децата развиваат здрави навики, еколошка свест и почит кон природата. Тој ја нагласи и важноста на пчеларството како значајна гранка за зачувување на биолошката разновидност и одржувањето на природната рамнотежа.
Во рамки на настанот, децата преку едукативни активности имаа можност поблиску да се запознаат со придобивките од здравиот појадок, значењето на медот и пчелните производи, како и потребата од заштита на пчелите.
Општина Карпош ја препознава важноста на ваквите иницијативи, каде што најмладите генерации имаат можност да научат како да ги вреднуваат здравите животни навики и еколошката одговорност.






































