Карпош одбележа 50 години постоење со спектакуларна музичка вечер за паметење
- ноември 7, 2026
- 0
Педесет години постоење, развој и заеднички приказни заслужуваат прослава која остава впечаток. Токму во таков дух, Општина Карпош синоќа го одбележа својот голем јубилеј – 50 години од своето постоење, со спектакуларен музички настан кој го претвори платото пред Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во голема отворена сцена за цело Скопје.
Со музика, енергија и одлична атмосфера, Карпош покажа дека јубилеите можат да се слават на поинаков, современ и несекојдневен начин – обединувајќи ги граѓаните преку универзалниот јазик на музиката.
Музичката вечер започна со настапот на колективот Sempre, кој беше одлична увертира за главната музичка атракција на вечерта – неповторливиот Кирил Џајковски. Со својот препознатлив музички израз, моќни ритми и уникатна сценска енергија, Џајковски ја разгоре атмосферата и ја понесе публиката во незаборавно музичко доживување.
Големиот број посетители од Карпош, но и од сите делови на Скопје, уште еднаш потврдија дека овој настан ги надмина општинските рамки и прерасна во вистинска градска музичка прослава. Присутните, меѓу кои и градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, уживаа во музиката, позитивната енергија и атмосферата што ја создадоа изведувачите.
Со овој оригинален начин на одбележување на големиот јубилеј, Општина Карпош испрати порака дека 50-годишната традиција не е само потсетување на минатото, туку и поттик за нови визии, современи содржини и настани што ги поврзуваат луѓето.
50 години Карпош – пулсот на градот!



























































