ИЗГЛАСАН ТРЕТИОТ РЕБАЛАНС НА БУЏЕТОТ НА ОПШТИНА КАРПОШ
- ноември 6, 2026
- 0
Советот на Општина Карпош ја одржа својата 20. седница во чии рамки беа разгледувани три точки кои се најдоа на денешниот дневен ред. По деталното образложение на општинските служби од Секторот за финансиски прашања, советниците ги поддржаа измените и дополнувањата на Буџетот на Општина Карпош за 2026 година. Имено, одлуката за овој ребаланс произлезе од потребата за да се прераспределат средствата по програми, потпрограми и конта, согласно потребите за нивна реализација, односно да се обезбедат средства за исплата на плати и придонеси од плата на вработените во основните училишта и детските градинки.
Извесно намалување на вкупниот износ на општинскиот Буџет има поради намалување на програма за кои се доделуваат средства со Одлука на Влада на РСМ, поточно, средствата се намалени во износ од 67.315 денари. Во таа насока, вкупниот консолидиран Буџет на локалната самоуправа со втората измена и дополнување на Буџетот изнесува 2.213.425.333 денари. Сега, со намалените средства за кои се доделуваат средства со Одлука на Владата на РСМ, Буџетот на Општината изнесува 2.213.758.018 денари.
Советниците постигнаа мнозински консензус околу усвојување на Предлог – Планот на Програмите за развој на Општина Карпош за 2027 година. Согласно потребите од областа на комунални работи и уредување на просторот, се утврдува преземање на одредени активности, со цел подобрување на инфраструктурните капацитети во општина Карпош. Станува збор за реконструкција на дел од улицата Атинска, на дел од улица Софиска во УЗ Тафталиџе 2, а се предвидува и реконструкција на дел од улицата Трифун Бузев ВО Карпош 4. Во населбата Бардовци треба да се реконструира дел од улицата К, додека пак во Карпош 2 се планира реконструкција на дел од улицата Бранислав Нушиќ. Според развојната Програма треба да се реконструира дел од улицата Загребска со изведба на потпорен ѕид, а во Бардовци се планира изградба на новопроектирани улици 5, 6 и 7. Во план за реконструкција влегуваат и ул. Џумајска, изградба на ул. 1687 во Бардовци, изградба на новопроектирана улица 3 и дел од новопроектирана улица 2, додека пак во Злокуќани се планира изградба на новопроектирана улица 7. Во план е да се гради фекална и атмосферска канализација на ул. 1687 во населеното место Бардовци, а ќе се вложува и во изградба на инфраструктурни објекти на новопланираните улици 5, 6 и 7 во Бардовци. Ќе се обновува фекалната канализација низ Бардовци и ќе се вложува во изградба на детската градинка Пролет 2 во Козле. Во 2027 година според Програмата за развој, треба да се гради повеќенаменската сала во ООУ „Димо Хаџи Димов“, а исто така во план е реализација на проектот за партерно уредување и озеленување на просторот помеѓу реката Вардар и бул.Илинден, на потегот со улица Никола Парапунов и улица Љубљанска.
Советот ја прифати и Одлуката за прифаќање на донација, од Друштво за промет ВАРУС ДООЕЛ експорт – импорт, Скопје. Станува збор за донација на една (користена) топлинска пумпа, за потребите на Општина Карпош. Станува збор за донација со вкупна вредност од 810.000 денари со пресметан ДДВ.


































