Громогласни аплаузи, многу емоции и вистинска детска уметничка магија ја исполнија сцената на Драмскиот театар, каде што се одржа 12. издание на традиционалната манифестација „Карпош има талент“, годинава посветена на темата „Македонија“, во чест на 50-годишнината од основањето на Општина Карпош.

Во духот на одбележувањето на 50 години Карпош и 35 години независност на нашата држава, учениците од десетте основни училишта покажаа дека талентот, креативноста и љубовта кон уметноста се вистинско богатство на нашата заедница.
Преку музика, театар, танц и впечатливи сценски настапи, младите карпошани приредија незаборавно шоу и ја претворија сцената во вистинска прослава на македонската култура и творештво.
 Најуспешните училишта на годинашното издание:
 Прво место – ООУ „Петар Поп Арсов“, со музичко-вокалниот перформанс „Во наше село чешма шарена“.
 Второ место – ООУ „Димо Хаџи Димов“, со музичката изведба на песната „Од нас зависи“ од Каролина Гочева, и ООУ „Вера Циривири Трена“, со драмска изведба проследена со мода и танц.
 Трето место – ООУ „Братство“, со оро на сплет од македонска и албанска народна музика, и ООУ „Аврам Писевски“, со изведба на композиции од Тоше Проески.
„Иако имаме три награди за најдобрите, победува талентот кој сите вие го поседувате. Продолжете да творите, да се дружите и да креирате, а ние сме тука да ви бидеме поддршка за сè што правите со љубов“, порача градоначалникот Сотир Лукровски.
❤️ Општина Карпош останува посветена на поддршката на младите генерации, создавајќи можности нивниот талент, креативност и потенцијал да дојдат до израз.