Општина Карпош продолжува да го зајакнува своето меѓународно партнерство и да отвора нови можности за соработка во областа на младинските политики, спортот и локалниот развој, преку учеството во европската програма THE:PLACE.

Во рамки на програмата, чија цел е зајакнување на капацитетите на граѓанските организации и локалните власти како клучни чинители на локалниот развој, претставникот на Општина Карпош, Роберт Јанковски од Секторот за развој, учествуваше на програмската средба што се одржа во Математичкото село Несин, во областа Измир, Турција.

Средбата претставуваше можност за воспоставување нови партнерства, размена на искуства и дефинирање конкретни насоки за идна соработка меѓу локалните власти и граѓанските организации од различни европски земји и поширокиот регион. Во рамки на форумот, Општина Карпош, како партнер на граѓанската организација ТАКТ, договори соработка со турската организација ЛИДОСК од Анталија, со цел заеднички да развиваат иницијативи и проекти од заеднички интерес.

Посебен акцент во претстојната соработка ќе биде ставен на младите, спортот и младинските политики, како важни области за поттикнување на активното граѓанство, социјалната вклученост и создавањето подобри можности за младите во локалните заедници. Партнерите ќе работат на развивање заеднички проектни идеи, размена на добри практики и јакнење на капацитетите за спроведување активности што ќе имаат конкретен придонес за граѓаните.

Програмата THE:PLACE има за цел да ги поврзе граѓанските организации и локалните власти преку обуки за јакнење на капацитетите, меѓусебно учење и заедничко креирање и спроведување проекти. Посебна вредност на програмата е воспоставувањето партнерства меѓу локалните власти и граѓанските организации од Европската Унија и Турција, со можност за вклучување партнери од земјите опфатени со програмата.

Програмата ги поврзува Албанија, Босна и Херцеговина, Грузија, Косово, Молдавија, Црна Гора, Македонија, Србија, Турција и Украина a нејзини носители се ALDA – Европската асоцијација за локална демократија и MAD – Центар за просторна правда, кои преку својата работа придонесуваат за развој на локалната демократија, граѓанското учество и одржливите партнерства.

Со вклучувањето во THE:PLACE, Општина Карпош ја потврдува својата определба за активно учество во европските процеси, унапредување на меѓународната соработка и создавање нови можности за младите. Преку поврзувањето со партнерски организации од регионот и Европа, Општината продолжува да инвестира во размена на знаења, заеднички иницијативи и политики што придонесуваат за поактивна, поинклузивна и поодржлива локална заедница.