По повод 11 Октомври – Денот на народното востание, а на барање на Сојузот на борците на Македонија, во паркот пред споменикот на борците од Првиот скопски партизански одред, во населбата Карпош 3, беа засадени 20 нови украсно-декоративни дрвја. Засадени се 18 фотинии и 2 спирални туи, обезбедени со средства од буџетот на Општина Карпош.

Во засадувањето учествуваа градоначалникот Сотир Лукровски и претседателот на Советот на Општина Карпош, Христо Саракинов. Општина Карпош, преку годишната програма на Секторот за екологија и енергетска ефикасност, континуирано издвојува средства за набавка и засадување нови садници на претходно утврдени локации.

Засадувањето во пролетните и есенските акции придонесува кон облагородување на јавните простори, унапредување на животната средина и зголемување на зелениот фонд на територијата на Општина Карпош.