Во ООУ „Војдан Чернодрински“, се реализираше психолошка креативна работилница на тема „Мојот внатрешен чувар“, наменета за учениците од II-б одделение.

Целта на работилницата беше учениците да го препознаат стравот како природен заштитен сигнал на телото, да ги забележуваат телесните реакции при вознемиреност, како и да усвојат едноставни техники за смирување и начини за барање поддршка. Преку приказната за ежето Боцко, активноста „Семафор за сигурност“ и практични вежби, учениците учеа дека храброста не значи отсуство на страв, туку способност да се препознае стравот, да се реагира соодветно и да се донесе правилна и безбедна одлука.

Во рамки на работилницата, учениците изработија цртежи под наслов „Мојата картичка за храброст“, преку кои ги претставија знаците на вознемиреност, начините кои им помагаат да се смират, како и личностите од кои би побарале помош кога им е потребна. Работилницата ја реализираше училишниот психолог Наталија Наумовска Велковска, со цел преку креативни и интерактивни активности учениците да стекнат корисни знаења и вештини за препознавање и справување со сопствените емоции.

Преку реализација на вакви активности, ООУ „Војдан Чернодрински“ придонесува кон развивање на емоционалната писменост, самодовербата, чувството на сигурност и социјално-емоционалните вештини кај учениците.