Со  ревијален натпревар помеѓу женските екипи на ЖФК „Вардар“ и ЖФК „Љуботен, во вторникот (01.09.2026) започна  дваесет и вториот Меморијален  турнир во мал фудбал „Оливер Соколов – Сокол“, еден од најпрепознатливите, најрепрезентативните и посетени спортски настани во Македонија.

На  турнирот ќе учествуваат вкупно  40 екипи, кои ќе бидат поделени во осум групи со по пет  тимови.  Освен натпреварувачките екипи, практично, последните седмици од летото, сите генерации на карпошани ќе имаат можност да проследат квалитетен мал фудбал и да другаруваат помеѓу себе  под отворено небо во населбата Карпош 1  

Општина Карпош како  покровител на истиот, и во иднина ќе издвојува логистички и финансиски средства за турнирот, сѐ со цел традицијата на турнирот  да продолжи. Имено, пред почетокот на турнирот  Општина Карпош спроведе низа активности за санација и уредување на спортското игралиште „Сокол“.

Во таа насока беа санирани оштетените даски на трибините, реконструирана е заштитната мрежа, заменети се оштетените плексиглас материјали и рекламни панели, а поставена е и нова чешма за питка вода. Локалната самоуправа, континуирано  вложува средства за развојот на  младите спортисти и спортските таленти.