Карпош добива уште еден уметнички мурал. Ѕидот пред влезот во ООУ „Лазо Трповски“ во наредните денови ќе биде претворен во шарена визуелна приказна, наменета за најмладите жители на општината. Муралот е дело на ликовниот уметник Максим Димитров, кој за реализацијата на проектот „Знаењето е наша сила“ доби финансиска поддршка од Општина Карпош во рамки на Програмата за култура и јавниот повик „Графити за секое маало“. Целта на проектот е да се збогати училишниот простор и да се создаде инспиративна средина за учениците, преку внесување на уметноста во нивното секојдневие. Дел од училишниот простор ќе биде претворен во отворена галерија, со уметничко дело кое ќе ги следи учениците во нивниот секојдневен престој во училиштето.

Ова е втор мурал кој се реализира на територијата на Општина Карпош. Претходно, со уметничко дело беа обоени бараките на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) во Скопје, чиј автор е ликовната уметничка Калина Брајковска.

Општина Карпош продолжува со поддршката на сите активности, што придонесуваат за унапредување на училишните простори и создавање на средина, во која учениците ќе можат да учат, творат и растат со уметноста како составен дел од нивното образование и секојдневие.