ЦЕЛОСНО НОВА ГРАДИНКА,,ПРОЛЕТ 2” ВО КОЗЛЕ
- јуни 20, 2026
- 0
Општина Карпош денес ја започува изградбата на нов, современ објект на градинката „Пролет“ -Објект Пролет 2 во Козле кој ќе биде лоциран на улицата Милан Марковиќ, на местото на стариот досегашен објект.
Новиот објект е проектиран согласно современите стандарди за престој и развој на децата, со предвидена изградена површина од 1.156 м2 и вкупна површина за игра и зелени површини од 1.949 м2.
Капацитетот на новата градинка изнесува 130 деца.
Овој нов современ објект на градинката „Пролет„ содржински е уреден со зони за згрижување на децата, административен дел, кабинети, чајна кујна, креативен простор, помошни простории, подземен паркинг, лифт и кровна зелена тераса. Објектот ќе содржи седум занимални со посебни санитарии и посебни тераси како и една сензорна соба и тоалет за деца со инвалидитет.
Заменик-градоначалникот Неделчо Крстевски, истакна дека со реализација на овој проект, по долгогодишен период, општината конечно добива нов, современ објект во урбаниот дел од Карпош, наменет за најмалите жители.
-Посебно сме горди што денес започнуваме со изградба на објект кој ќе биде дом на најмладите карпошани. Не станува збор само за инвестиција во објект туку за инвестиција во иднината на нашите најмали жители, во место во кое ќе растат, ќе се развиваат и ќе создаваат спомени“ – истакна Крстевски.
Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 137.245.089 денари, средства обезбедени од Владата преку јавен повик, на кој Општина Карпош аплицираше со сопствен проект. Рокот за завршување на проектот е 120 дена.
Изведувач на градежните работи е Друштвото за производство, трговија и услуги ,,НЕКСОС ИНЖЕНЕРИНГ” ДООЕЛ експорт-импорт Скопје, а надзор над градежните работи ќе врши МГ ПРОЕКТ.
Со изградната на новиот објект „Пролет 2“, Општина Карпош продолжува со унапредување на предучилишната инфраструктура и создавање современи услови за воспитување, образование и правилен развој на најмладите жители.









