Почнувајќи  од  вчера  (30.03.2026-та)  па  до 3  април, во просториите  на Општина Карпош презентирана е  уметничката изложба  на Марина Богоевска, именувана како „ Танцот на боите“. На изложбата  се претставени  рачно изработени цртежи, како и рачно извезени предмети. На првиот ден од изложбата, Градоначалникот  на  Општина Карпош Сотир Лукровски , истакна дека  локалната самоуправа и во иднина, ќе биде покровител на вакви уметнички настани преку кои граѓаните ќе го  изразуваат  својот  уметнички потенцијал и дека културата во Општина Карпош секогаш ќе зазема значајно место во нејзиниот развој.

-Ми претставува особена чест и задоволство што токму нашата општинска зграда е изложбено место за овие прекрасни уметнички дела од нашата сограѓанка, карпошанката Богоевска. Во текот на оваа недела, нашите граѓани кои ќе доаѓаат во просториите на локалната самоуправа, меѓу другото, ќе можат да ги погледнат и изложените дела на уметницата, нагласи првиот човек на Карпош Сотир Лукровски.

Креативната уметничка Марина Богоевска, се заблагодари  на континуираната поддршката и логистичката помош од страна на општината, без која, како што нагласи, не би можела да креира  и презентира вакви уметнички творби.

Богоевска, во изработка на овие дела користела техника на апстракција со акрилни бои, 3 Д техника на цртеж и парчиња од дрво врз картон. Беа презентирани и рачно изработени, везени и плетени уметнички форми, ставени во рамка.

Оваа самостојна продажна изложба на Богоевска, за време на изминатиот викенд беше одржана и во просториите на Кинотека на Македонија.