По повод роденденот на големиот музички гениј Јохан Себастијан Бах, младинскиот гудачки квартет ,,Карпош”, денеска одржа три последователни концерти на платото на ,,Млечен”. Овој пролетен ден и класичните енергични звуци на извонредниот Бах, ги натера карпошани да излезат и да уживаат во овој безвременскиот спектакл во изведба на младите и талентирани изведувачки.
Имено, концертите се дел од светската иницијатива ,,Bach in the subways” (Бах во метро), а Општина Карпош се приклучи кон глобалното одбележување на музиката на Бах, со овој проект кој е финансиски поддржан и е дел од Програмата за култура и спорт при локалната самоуправа.
Младинскиот гудачки квартет ,,Карпош” се состои од четири феноменални изведувачки и тоа: Јана Бужаровска – виолина, Грациела Трајковска – виолина, Марија Павловска – виола и Сара Илиевска – виолончело.
Зошто Бах во метро ?

Одговор добивме од членовите на гудачкиот квартет:
Меѓу чекорите на случајните минувачи, бучавата и брзината, музиката најде свој тивок простор. Во тие неколку моменти, се како да застана – и за мене, и за луѓето што за момент се задржаа да слушнат. Да се свири Бах таму не беше само настап, туку доживување – спој на уметноста со реалниот живот.
Марија Павловска
Среде гужва, брзање и секојдневен хаос успеавме да создадеме момент на мир. Луѓето застануваа, погледнуваат, слушаа…како времето на кратко да забави. Горда сум што на ваков начин музиката допира до луѓето.
Сара Илиевска
Да се биде дел од овој настан е прекрасно искуство. Да го привлечеш вниманието на случајните минувачи со музиката на Бах е вистински возбудливо чувство. Се надевам дека и тие случајни минувачи го чувствуваат тој момент бидејќи не е нешто секојдневно за доживување во брзината на хаотичниот живот.
Јана Бужаровска
Бах во метро не е само чувство, тоа е доживување – судир на барокот со современоста, каде вечната музика добива ново срце во ритамот на денешниот свет.
Грациела Трајковска