УЧЕНИЦИТЕ ОД ООУ „ВЛАДО ТАСЕВСКИ“ НАЈУСПЕШНИ ВО ПРОИЗВОДСТВО НА КОМПОСТ
- февруари 25, 2026
- 0
ООУ „Владо Тасевски“ ја освои првата награда на Јавниот оглас кој го објави Секторот за екологија и енергетска ефикасност од Општина Карпош, за најголемо количество произведен компост во општинските основни училишта на територија на локалната самоуправа. За најдобро постигнатиот резултат, ова училиште доби парична награда од Општината во висина од 50.000 денари. Второто место го освои ООУ „Братство“ кое доби награда во висина од 30.000 денари, додека пак, ООУ „Петар Поп Арсов“ заврши на третата позиција, освојувајќи 20.000 денари.
Оваа иницијатива ја реализира Секторот за екологија и енергетска ефикасност, согласно Годишниот краток Акционен план за спроведување на мерки и активности, дефинирани со ЛЕАП 3 за 2025 година. Согласно условите дадени во јавниот оглас, во рамки на крајниот рок аплицираа пет основни училишта, и тоа: ООУ „Владо Тасевски“, ООУ „Братство“, ООУ „Димо Хаџи Димов“, ООУ „Петар Поп Арсов“ и ООУ “Јан Амос Коменски”.
По разгледување на апликациите и посетата на терен, Комисијата изврши бодување според критериумите за квалитет на произведен компост (дали истиот содржи органски материи и во која количина), и според времето за произведување на компостот.
Целта на овој проект е Општина Карпош да ги стимулира основците да селектираат органски отпад, со што ќе се влијае врз намалување на отпадните маси во природата (како на пример, овошје, зеленчук и слично). Исто така, на овој начин се создаваат здрави еколошки навики кај младите карпошани, кои потоа ќе ја употребат компостираната маса за оплеменување на училишните дворови, односно за засадување на цветна флора и друг вид на растенија.









