Како дел од планираните активности во процесот на формирање на општинскиот Буџет, градоначалникот Сотир Лукровски заедно со Секретарот на Општината, Мирјана Пехчевска Поп Илиева и претседателот на Советот Христо Саракинов, денеска се сретнаа и разговараа со граѓаните од урбаните заедници Влае 2, Злокуќани и Бардовци. На овие средби, жителите од овие урбани заедници ги кажаа сите проблеми и предизвици со кои се соочуваат секојдневно, а кои општината треба да ги стави во рамки на проектните активности и Буџетот за 2026 година.

Жителите на Влае 2 побараа најпрво решавање на проблемот со паркирање кај Т.Ц. Порта Влае, санирање и реконструкција на плочникот, хортикултурно уредување во трговскиот центар. Побарана беше и санација на дел од плоштадот Делфина каде што треба да се промени фонтаната за питка вода, да се заменат дотраените клупи и канти за отпад. Исто така потенцирана беше и потребата од санација на тоалетите и ескалаторот на мостот „Влајко“ како и негово редовно чистење и одржување. Како најприоритетно барање, за жителите од Влае 2 е ревизија на ДУП-от во кој според нив, има неколку спорни елементи кои треба да се отстранат.

 

На средбата во Злокуќани, жителите побараа обновување на водоводната мрежа која што е стара повеќе од 50 години, а во меѓувреме побараа и поставување на фекална и атмосферска канализација на дел од улиците. Меѓу другите приоритетни барања го посочија и донесувањето на ДУП кај делот на кој што припаѓаат улиците Скупи 20 и Скупи 22, реализирање на барањата за легализација, како и изградба на фудбалско игралиште за потребите на месното население. Проблемите со одржувањето на хигиената, поставување на корпи за отпадоци и осветлувањето беа исто така наведени како проблеми со кои се соочуват жителите од Злокуќани.

 

Жителите на Бардовци покрај  барањата за реконструкција и санација на улиците и тротоарите, како и на ударни дупки по коловозот, имаат потреба од изведба на  канализациска мрежа на улиците 2,4. 18 и 1687. Посочен беше и  проблемот со осветлување и во таа насока побарано е редовна интервенција за поправка на уличното осветлување како и поставување на нови светилки на неколку локации, особено на фудбалското игралиште на ФК Лепенец. Исто така, бардовчани бараат да се  постават  легнати полицајци на неколку клучни места, како и да се постави сообраќајно огледало кај месната заедница. Жителите од оваа месна заедница побараа поредовно чистење на улиците и каналите, а имаа сугестија и за зголемено присуство од полициски служби од причина што на одредени улици се вози многу брзо, а постојат и групи на лица кои навечер го оштетуваат плоштадот.

 

                Со денешните средби со жителите од урбаните заедници, се заврши планираната активност за креирање на граѓански Буџет за 2026 година во кој што општината, во рамки на своите можности и ингеренции, ќе ги имплементира најприоритетните барања на граѓаните.