Денес го одбележуваме 3 декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост.  Општина Карпош, во текот на целата година континуирано води грижа за оваа ранлива категорија на граѓани преку низа активности за подобрување на статусот и нивно интегрирање во заедницата. Токму затоа, локалната самоуправа распиша Јавен повик за доделување на еднократна парична помош за лицата со попреченост кои се жители на општина Карпош. Оваа година, на Јавниот оглас се пријавија 213 лица со попреченост, кои ќе добијат еднократна парична помош од Општината во висина од 5.000 денари.

                Првенствено, низ годините преку тековната работа и ангажманот на вработените од Одделението за детска, социјална и здравствена заштита, со вршење на увиди во домовите на граѓаните, непосредната комуникација, соработката со урбаните и месните заедници и други институции, беше оформена база на податоци за лицата со попреченост која во тековнава 2025 година брои преку 200 лица. Повеќе од една деценија локалната самоуправа посветува особено внимание на лицата со попреченост, при што има донирано медицински помагала за нивна потреба. Општината покрај другото помага на овие лица со еднократна парична помош за бањско лекување, рехабилитација или набавка на соддветни лекови или помагала, како и со пакети со храна и хигиенски производи. За да го олесни нивното движење, локалната самоуправа има поставено пристапни рампи на повеќе локации низ општината, како и во сите детски градинки и основни училишта. Во насока на поголема поддршка, отворени се и неколку инклузивни игралишта за дечињата со попреченост. Исто така, Општината поддржува разни манифестации, настани, работилници и други активности во соработка со различни институции и невладини организации, кои ги вклучуваат лицата со пореченост и го поттикнуваат процесот на инклузија.

                Од особена важност е Проектот за подобрување на социјалните услуги што го спроведува Министерството за труд и социјална политика со поддршка на Светска Банка, во чии рамки Општина Карпош ја воспостави социјалната услуга во заедницата, односно центарот за дневен престој –  „Центар за стручна помош и поддршка на деца со попреченост и нивните семејства – МоПи“. Во случајов, лиценциран давател на услугата е Македонското Монтесори Здружение, кое истата ја испорачува преку индивидуални третмани и психо-социјална поддршка од страна на стручни лица (специјални едукатори и рехабилитатори и психолози). Станува збор за социјална услуга која е наменета за дечињата со попреченост и развојни потешкотии на возраст од 2 до 10 години, со приоритет на децата од општина Карпош.