Во организација на Здружението на бизнис жени со поддршка на Општина Карпош, вечерва се одржа женско бизнис дружење со цел, поттикнување на нови соработки и јакнење на заедницата на жени претприемачи во Карпош. Инаку, овој настан се реализираше како дел од редовните активности на проектот „Поттикнување на женското претприемништво и зајакнување на постоечкото, преку вмрежување и политики за поддршка на жени претприемачи во Општина Карпош“. На средбата присуствуваа претставничките од бизнис секторот како и координаторката за еднакви можности на жените и мажите при Општина Карпош, Виолета Михајловска, која во оваа пригода ја поздрави иницијативата за актуелизирање на женското претприемништво во рамки на локалната самоуправа.

 

  • „Би сакала да истакнам дека Карпош е меѓу првите општини која формирмираше локален Совет за женско претприемништво. За таа намена Општина Карпош годинава издвои 200.000 денари за спроведување на проект за поддршка и развој на женското претприемништво преку вмрежување и политики, а реализатор на проектот е Здружението на бизнис жени на Македонија“ – посочи Михајловска.

 

            Таа потсети дека во тек е креирање на база на податоци на жени претприемачи од општината, за чија цел е изработена и Google платформа на која ќе бидат евидентирани сите жени од Карпош кои водат било каков бизнис. Базата ќе служи за информирање, вмрежување и соработка со бизнис секторот од локалната заедница, а линкот ќе биде достапен на официјалната веб страница на Општина Карпош.

 

  • „Денешниов настан е значаен затоа што имаме одлична можност да се запознаеме, а притоа и да ви овозможиме простор да ги промовирате вашите бизниси, успеси и предизвици. Во тој поглед, Општина Карпош и градоначалникот Стевчо Јакимовски ви стојат на располагање во рамки на своите ингеренции, како би можеле да ви помогнеме да се развивате и да растете со вашите бизнис идеи“ – додаде координаторката Михајловска.

            Воведно обраќање пред присутните имаа и претседателката на Советот за женско претприемништво при Општина Карпош, Вера Бошковска, како и претседателката на Здружението на бизнис жени, Валентина Дисоска, која го образложи значењето на женското претприемништво во однос на локалниот развој на заедницата. На средбата беа разгледани и можностите за отворање на нови бизниси со акцент на младите, а за успешните економски модели говореа претставничката од АВРМ, Билјана Петрушевска, модната дизајнерка Фросина Ангеловска и сопственичката на приватни градинки “Светот на Колорес“, Билјана Караманолевска.

            Во рамки на вечерната дружба беа разгледани аспектите на зелената и дигиталната транзиција, со детална анализа  на трендовите кои можат да се толкуваат како можност, или како потенцијална закана. Низ призма на инспиративните приказни на патот до успехот, своите лични искуства ги споделија претседателката на Здружението на бизнис жени, Валентина Дисоска, основачот на платформите workingmom.mk и D Apartments, Данче Азманова Мирчевска, како и сопственичката на Floring MK,  Ирена Аспровска Трајковиќ, и претседателката на текстилниот кластер, Маријана Перковска.