Согласно новата концепција за основно образование која беше донесена во 2021 година, сите основци од Карпош ќе бидат активно вклучени во информатичката  настава која ќе се одвива по најсовремени технолошки стандарди. Затоа Општината со сопствени средства набави нови интерактивни смарт панели во сите основни училишта на нејзина територија, кои ќе бидат дел од едукативниот процес во кој учествуваат учениците од  I до IX одделение.

                Имено, сите образовни установи во Карпош во рамки на своите училници во кои се одвива одделенска и предметна настава, ќе располагаат овие современи технолошки алатки за работа. За таа намена, локалната самоуправа преку Одделението за образование издвои 8.500.000  денари со кои се обезбедија уште 95 смарт панели. Оттука, во секоја училница може да се реализира наставата на далечина со вмрежување на е-платформи, преку кои се изучуваат нови софистицирани информатички програми.

 

                По тој повод денеска градоначалникот Стевчо Јакимовски направи обиколка на ООУ „Димо Хаџи Димов“, каде непосредно присуствуваше на часот по Хемија во предметна настава.

 

  • Општина Карпош интензивно вложува во десетте основни училишта на своја територија. Дојдени сме овде во ООУ ,,Димо Хаџи Димов”, да извршиме презентација на 95 смарт панели кои ги купивме. Веќе минатата година набавивме 60 паметни табли што значи дека сега ги докомплетиравме сите паралелки од петто до деветто одделение да ја обавуваат настава согласно Владината програма и законските обврски што ги имаме. Во исто време обезбедивме 254 компјутери, што значи дека во секое основно училиште ќе има по една компјутерска сала. На ваков начин многу се олеснува работата на предметните наставници, а секако дека учениците се внесуваат уште подлабоко во добата на електронска писменост. Инвестицијата за минатата и оваа година не чини 20.500.000 денари, сега даваме 8,5 милиони за смарт панелите и 5,5 милиони денари за комјутерите, што значи дека со околу 350.000 евра практично ги опремивме сите основни училишта – истакна Јакимовски.