ЈАКИМОВСКИ РАЗГОВАРАШЕ СО ОСНОВЦИТЕ ОД КОЗЛЕ ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА УСЛОВИТЕ НА МЛАДИТЕ КАРПОШАНИ
- мај 16, 2025
- 0
На покана на учениците од ООУ „Владо Тасевски“, градоначалникот на Општина Карпош денеска оствари средба со нив во просториите на Кинотеката на РСМ. Состанокот кој го иницираа основците од Козле беше дел од активностите поврзани со нивниот изборен предмет – Истражување на родниот крај, односно со последната тема поврзана со локалната самоуправа. Во таа насока учениците разговараа со првиот човек на општината, поставуваа прашања, предлагаа конкретни идеи и ги изложија своите барања. На средбата се разговараше за животната динамика и навиките на адолесцентите од населбата Козле, како и за образовните услови на основците од „Владо Тасевски“.
Притоа, учениците се договорија со градоначалникот Јакимовски во врска со организирање на еколошки акции, како и за учество на основците со краткометражни филмови во рамки на одбележување на Денот на Општината. На состанокот беа разгледани и други заеднички иницијативи за инволвирање на младите карпошани во процесот за унапредување на животниот стандард во рамки на локалната заедница во која живеат. Оттука, Јакимовски им вети на учениците од „Владо Тасевски“ дека наскоро Општината ќе постави вештачка трева на фудбалското игралиште кое функционира во кругот на нивното училиште. На барање на учениците беше разгледана опцијата за поставување на дополнителна урбана опрема, клупи и маси во кругот на училиштето.