СПОРТСКИ ИНКЛУЗИВНИ ИГРИ ЗА ДЕЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ
- април 24, 2025
- 0
По иницијатива на Вања Врдинова во организација на сите специјални едукатори и рехабилитатори од основните училишта од Карпош и во соработка со локалната самоуправа, денеска во спортската сала на ООУ „Петар Поп Арсов“ се одржаа спортски игри во кои заедно учествуваа основците со типичен и атипичен развој. На настанот учествуваа 40 ученици од сите основни училишта во Карпош, односно по четири ученици од секоја образовна установа. На настанот, учениците заедно изведуваа лесни атлетски вежби кои се прилагодливи и за дечињата со попреченост. Целта на денешните активности беше унапредување на процесот на инклузивност во основните училишта во Карпош но и во пошироката локална заедница, каде што децата од оваа социјална категорија нема да се почувствуваат изолирано, туку напротив ќе бидат прифатени.
На настанот присувствуваше и градоначалникот Стевчо Јакимовски, кој се обрати пред присутните ученици, наставници и родители. Во оваа пригода, првиот човек на Општина Карпош ја истакна својата силна и континуирана поддршка за инклузивното образование и овозможување на еднакви можности за сите деца, без разлика на нивните способности.
- Денеска работиме една благородна работа преку која се образуваат учениците, особено оние дечиња кои заостануваат во својот развој. Од тие причини, во нашите основни училишта имаме 58 персонални и два лични асистенти. Од десет училишта во девет училишта имаме комплетни тимови со дефектолог, педагог и психолог, дури во едно училиште имаме и социолог, само уште во ООУ „Лазо Трповски“ немаме дефектолог. Тоа се нашите напори што ги правиме за подобрување на наставата и подобрување на условите на работа и напредок на вашите деца, – истакна Јакимовски.
Тој напомена дека инволвирањето на овие деца во разни активности е од витално значење за нив но и за нивните родители.
- Општината и понатаму ќе ги поддржува учениците и она за што ние сме задолжени со Законот, а тоа е да создаваме што е можно подобри услови за работа во основните училишта на територија на Карпош. Во таа насока реновираме училишта и создаваме услови за развој и напредок на секое едно дете. За 13 години некои училишни објекти ги реконструиравме двапати, секаде поставивме фотоволтаици, сите училници над петто одделение имаат смарт панели за на најсовремен начин да се одвива наставата. Во сите училишта ќе имаме по една нова комплетна компјутерска сала, сите спортски терени ќе бидат со вештачка трева, а ќе реализираме уште многу нови проекти кои се предвидени за нашите ученици – додаде Јакимовски.
Во рамки на денешните активности сите учесници добија благодарници, а децата со попреченост заедно со нивните соученици посочија дека инклузијата не е само можна, туку и неопходна. Како што велат тие, инклузијата значи еднакви права и можности за сите, но и прифаќање на различностите и разбивање на стереотипите. Оттука, младите карпошани докажаа дека преку спортот може да се гради самодовербата, емпатијата, солидарноста и социјалната правда.