КАРПОШ ДОБИ СОЦИЈАЛЕН ПЛАН
- април 10, 2025
- 0
Во рамки на 64-тата седница која се одржа денеска во просториите на урбаната заедница „Кузман Јосифовски – Питу“, советниците расправаа и полноправно одлучуваа по 36 точки кои се најдоа на дневниот ред. Во таа насока беше усвоен Социјалниот план на Општина Карпош, кој го изработува Општинскиот совет за социјална заштита. Оттука, Социјалниот план содржи мапирање на социјалните проблеми и ранливите групи на граѓани кои се жители на Карпош, притоа анализајќи ги капацитетите и расположливите социјални услуги, како и специфичните потреби за развој на социјалните услуги во оваа локална самоуправа.
Инаку, Општинскиот совет за социјална заштита е составен од претставници на општинската администрација, центарот за социјална работа, даватели на услуги, здруженија, верски заедници и други правни лица и физички лица кои вршат дејност од областа на социјалната заштита. Во него членуваат и претставници на установи од областа на образованието, здравствената заштита, вработувањето, полиција и јавното обвинителство, од подрачјето на општина Карпош. Ова тело беше неодамна основано со одлука на Советот на локалната самоуправа, на предлог на градоначалникот Стевчо Јакимовски.
Притоа, Општина Карпош согласно Програмските активности на Одделението за детска, социјална и здравствена заштита, секоја година доделува парична помош на лицата со пореченост по повод 3 декември, односно Денот на лицата со пореченост. Воедно ова Одделение располага со своја база на податоци за лицата со попреченост, во која се евидентирани 196 лица од кои 122 се полнолетни и 74 малолетни. Според половата структура 115 од овие лица се мажи и 81 жена. Според видот на попреченост 131 лице се физички, 42 лица со интелектуална попреченост и 23 лица со комбинирани пречки. Во поглед на поддршка преку социјални услуги кои традиционално ги нуди Општина Карпош за своите сограѓани кои спаѓаат во оваа категорија, се вбројуваат Велигденските и предновогодишните хуманитарни акции под мотото „Да бидеме хумани за нашите соседи“. Во оваа акција учествуваат вработените во општинската администрација, потоа, децата од основните училишта и предучилишните установи, како и од општествено одговорни компании. Не изостанува ниту помошта за лицата односно семејствата кои влегуваат во социјален ризик, кои добиваат од Општината еднократна парична помош кога станува збор за лекување или пак некоја елементарна непогода. Локалната самоуправа исто така обезбедува парична помош за секое новородено или посвоено дете од територијата на Карпош, која се доделува на семејства коишто ги исполнуваат критериумите утврдени со Програмата, а се одобрени од Советот на Општината. Во рамки на ООУ „Вера Циривири Трена“ функционира и Центар за стручна помош и поддршка на деца со попреченост и нивните семејства кој е реализиран од страна на Македонското Монтесори Здружение во соработка со МТСП.
Потребната поддршка ја доби Програмата за изменување и дополнување на Програмата за образование за 2025 година, на која се додаваат дополнителни финансиски средства во висина од 300.000 денари, за поддршка на учениците и наставниците од основните училишта во Карпош. Со истата динамика беше поддржана и Програмата за изменување и дополнување на Програмата за детската, социјалната и здравствената заштита за 2025 година. Имено, досегашната финансиска рамка од 3.400.000 денари со која се предвидуваше парична помош за лица/семејства во социјален ризик и за лекување, се менува и сега изнесува 6.000.000 денари. Советниците го обезбедија потребниот консензус и за изменување ио дополнување на Програмата за уредување на градежно земјиште на територија на општина Карпош за 2025 година. Со согласност на советниците од Карпош, измена и дополнување претрпе и Програмата за екологија и енергетска ефикасност за 2025 година. Станува збор за одржување на постоечкото јавно осветлување на територијата на општина Карпош, а за оваа активност се предвидуваат 147.470.000 денари. Динамиката на плаќање ќе биде утврдена согласно План Програмата за развој на Општината Карпош за периодот 2025-2035 година. Ќе се менува и внатрешното осветлување во спортските сали во основните училишта „Војдан Чернодрински”, „Вера Циривири – Трена” и „Димо Хаџи Димов”, каде ќе се инсталираат ЛЕД светилки за да се постигне подобар ефект и практична заштеда на електрична енергија. Според тоа, досегашната предвидена финансиска рамка од 3.200.000 денари се менува со износ во висина од 5.200.000 денари.
Во рамки на денешната седница беше изгласан и Планот со програми за развој на Општината за периодот од 2025 до 2035 година. Станува збор за десетгодишната развојна програма за доделување на договор за воспоставување на јавно приватно партнерство за давање на услуги на јавно осветлување во локалната самоуправа. Реализацијата на поединечните фази ќе се одвива на годишно ниво со идентичен фиксен финансиски износ во висина од 14.747.000 денари.
Со мнозинство гласови беше поддржана и Одлуката за изменување и дополнување на Буџетот на Општина Карпош за 2025 година. Имено, оваа Одлука произлезе од доделувањето на средства со Одлука на Владата на РСМ во износ од 111.511.608 денари, кои се наменети за реконструкција на детската градинка „Мајски цвет“ во населба Тафталиџе 1. Исто така, со ребалансот на општинскиот Буџет се распоредува пренесениот вишок од минатата година кај буџетската сметка во износ од 25.359.000 денари, како и пренесениот вишок кај блок дотациите од предходната година, кој изнесува 3.637.000 денари.
Советот го усвои Едногодишниот краткорочен еколошки Акционен план за
спроведување на мерки и активности дефинирани со ЛЕАП 3 (Локален Еколошки Акционен План) за 2025 година. Општина Карпош во рамките на својот финансиски и кадровски потенцијал во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање вложува напори да го одржи и поправи нивото на квалитетот на животната средина. Во согласност со финансиските можности за реализација на овој акциски план во 2025 година се проектирани вкупно 2.000.000 денари. Овие средства ќе бидат искористени за најнеопходните мерки и активности какви што се поставување на т.н. „Зелен ѕид за прочистување на воздухот” во ООУ „Војдан Чернодрински“ (500.000 ден.) и ”Изградба на фотоволтаична централа во ООУ „Христијан Тодоровски Карпош“ (1.000.000 ден.). За Програма за енергетска ефикасност се предвидени 300.000 денари, за награда за најголемо количество произведен компост во општинските основни училишта се обезбедени 100.000 денари, додека пак, за проекти кои треба да ги реализираат невладините организации се предвидени 200.000 денари. Со поддршка од Советот беше изгласано и Предлог – Решението за формирање на комисија за изработка, следење и спроведување на едногодишни Акционени планови за спроведување на мерки и активности дефинирани со ЛЕАП 3 (Локален Еколошки Акционен План). Комисијата е составена од градоначалникот Стевчо Јакимовски и четворица претставници од Секторот за екологија и енергетска ефикасност, кои покрај тоа што ќе ја следат имплементацијата на ЛЕАП 3 ќе имаат можност и да предлагаат евентуални промени на Планот, при што еднаш годишно ќе имаат обврска да го известуваат органот на управата, којшто е надлежен за работите од областа на животната средина.
Советниците ја поддржаа Одлуката за донесување на техничка исправка за ГП З.03.2.72 од Детален урбанистички план за градска четврт З 03 – опфат помеѓу бул. „Партизански одреди“, коритото на реката Вардар, бул. „Македонија“ и ул. „Московска“, за планскиот период 2013-2018 година. Техничката грешка е воочена по изработката на Елаборатот за геодетски работи за посебни намени, од кои е пресметана површина од 389м2 за градежната парцела ГП З.03.2.72 од ДУП Градска четврт З 03, која не одговара на површината од 470м2, дадена во табелата на нумеричкиот дел од Изводот од план бр. 47-9334/2 од 25.12.2024 година. Исто така беше изгласана Одлуката за донесување на техничка исправка за ГП З 03 2. .226 од Детален урбанистички план за градска четврт З 03. Техничката исправка е изработена на барање на сопственикот на градежната парцела, во која е констатиран технички пропуст – неусогласеност на површината на градежната парцела. Потребната поддршка од советниците ја доби и Одлуката за донесување на техничка исправка за ГП З.03.1.279 од Детален урбанистички план за градска четврт З 03. И во овој случај се работи за техничка грешка којашто е воочена по изработката на Елаборатот за геодетски работи за посебни намени со нумерички податоци за КП 3840.
Советот даде „зелено светло“ и за Одлуката за формирање на групи со поголем односно помал број на деца од законски предвидениот број на деца во детските градинки во Карпош. Во оваа пригода советниците ги поддржаа Решенијата за давање согласност на Годишните планови за вработување за 2026 година, на предучилишните установи на територија на општината. Со истата динамика беа поддржани и Решенијата за давање согласност на Годишниот план за вработување за 2026 година, на десетте основни училишта на територија на локалната самоуправа.
Со одлука на советниците беше прифатена донацијата во вид на изработка на Основен проект и ревидентски извештај за дислокација на водоводна цевка на ул. „Гари“ во населбата Влае. Вкупната вредност на донацијата изнесува 33.000 денари со вклучен ДДВ. Советниците дадоа согласност и за прифаќање на донацијата од Друштвото за производство, градежништво, промет, трговија и услуги „ММ Марковски – Инжинеринг“. Станува збор за донација во вид на изрзботка на Основен проект и ревизија за илица „Ѕ“ од крстосница со илица „Ж“ до крстосница со улица „Е“, до крстосница до улица „З“ во населбата Бардовци. Вкупната вредност на оваа донација изнесува 495.600 денари со вклучен ДДВ.