Градоначалникот Стевчо Јакимовски, вчера во својот кабинет оствари работна средба со д-р Дејан Огњеновиќ од приватната здравствена установа „Св. Алексеј“, каде што се одвива акцијата за бесплатни ехо прегледи на дојки за девојки од 20 до 30 годишна возраст. Станува збор за проект кој се реализира преку Програмата на Општина Карпош за еднакви можности меѓу жените и мажите за 2025 година, како проектна активност за превенција и поддршка на женското здравје.

                Акцијата започна на почеток на месец март, а досега правото на бесплатен преглед го оствариле 79 млади карпошанки. Според податоците на д-р Огњеновиќ, кај повеќе од половината е потврден наод, според кој пациентките се испратени на дополнителни прегледи и испитувања.

За овој проект локалната самоуправа издвои 200.000 денари,  а градоначалникот Јакимовски во синоќешниот разговор посочи дека Општината е подготвена да обезбеди и дополнителни финансиски средства, доколку предвидените бидат исцрпени.

                Во рамки на синоќешниот состанок, Јакимовски и Огњеновиќ изразија задоволство од досегашниот висок одзив на младите карпошанки.  Притоа, обајцата соговорници потенцираа дека целта на овој проект е всушност подигање на свеста кај младата популација за создавање на навики за редовни и навремени прегледи за грижа на своето репродуктивно здравје. Во оваа пригода тие испратија апел до младата женска популација да ја искористат можноста која ја нуди овој проект и да направат превентивни ехо прегледи на дојка.